Како се стигнува до белешките од Водно

Претседателот на Комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски не извади „џокер-документ“ од внатрешниот џеб на костумот, но ја разбранува јавноста изнесувајќи детали од извештајот од лидерски средби за името кои ги добил од кабинетот на претседателот Иванов. Сагата околу барањето на Милошоски, пратениците кои имаат безбедносни сертификати да ги добијат класифицираните материјали од две средби на државниот врв кај шефот на државата, продолжи и вчера, а третата епизода ќе ја гледаме в понеделник. Дотогаш можеби ќе се спушти рампата и министерот за надворешни работи Никола Димитров конечно ќе добие шанса да зборува за остварувањето на меѓународната политика.

Милошоски тврди дека материјалите биле уредно доставени до Собранието, а потоа и размножени од лицето овластено за располагање со безбедносен материјал, и покрај деловничкото право не се доставени до членовите на Комисијата и пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат. Тоа, според него, говори дека владејачкото мнозинство се обидува нешто да скрие.

„Пратениците не само што имаат обврска, туку и должност да ги добијат материјалите, а кога ќе се добијат материјалите, кои се суштински поврзани со надворешната политика, ќе се види дали внатре има државна тајна или не“, рече Милошоски.

Поранешниот шеф на дипломатијата повтори дека материјалите се однесуваат на две средби што се одржале кај претседателот на државата во врска со преговорите за името со Грција во јануари и во мај на кои, како што рече, биле изнесени различни ставови.

„Нека се достават материјалите и да се види кој мислел и сметал дека менувањето на Уставот е добра, а кој дека е понижувачка работа“, рече Милошоски.

За Димитров тоа што го прави Милошоски е упад и саботажа, која ја доживува како антидржавен потег. Тој вели дека нема што да крие од целиот процес и дека тоа што го кажува пред граѓаните, го разговарал и со Грција и со нејзините претставници, со политичките лидери, со премиерот, претседателот…

„Објавување информации класификувани како државна тајна можат да направат трајни штетни последици врз државите интереси на РМ. Овој процес уште трае, пред нас е референдум, а пред Грција ратификација. Објавување ставови и преговарачки позиции може да му наштети на овој процес“, рече Димитров.

Тој не знае за какви материјали станува збор бидејќи на првата средба кај Иванов не било договорено да се водат белешки. Прашање е, потенцира Димитров, кој ги направил, како ги класификувал и како одлучил кому да ги достави. Истакна дека МНР нема материјал од лидерската средба од јануари 2018 година.

Безбедносните експерти велат дека скандалот, прв од ваков вид во законодавниот дом, покажува сериозни аномалии во безбедносниот систем на строго доверливи информации и нагласуваат дека треба да се утврди дали постои заобиколувања на строгите законски правила. Ако станува збор за државна тајна, дури и да биде декласифицирана, таа не смее да се изнесува во јавноста. Тоа е кривично дело, санкционирано, без оглед дали лицата поседуваат безбедносен сертификат.

На строгите правила укажуваат и дел од експратениците низ чии раце поминале стотици страници класифициран материјал.

„Многу е важно да се знае дали материјалите се класифицирани и кој е нивниот степен на доверливост. Правото на определување на степенот на класификација, законот му го дал исклучиво на создавачот, а тој ја врши класификацијата според содржината на информацијата, но тој ја прави и декласификацијата. Во случајов претседателот на државата“, вели експратеникот и министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

Со степен државна тајна се класифицираат само оние информации или материјали чие неовластено откривање или употреба би можело да им наштети на трајните интереси на државата, односно директно да го загрозат уставниот поредок, независноста и територијалниот интегритет, внатрешната стабилност, да нанесат штети на ефикасноста на исклучително вредни одбранбени безбедносни или разузнавачки операции на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, економијата, демократијата и владеењето на правото…

Останува нејасен, вели Трајанов, степенот на доверливост на спорните записи од лидерските средби и како биле издадени. Треба да се истражи случајот за соодветно да се лоцира одговорноста.

Тој сведочи за сериозен недостаток од парламентарна култура во однос на ракувањето и заштитата на доверливите документи. Во Собранието, вели, не постои посебна просторија или безбедносни сефови каде што би се чувале таквите материјали, како што е праксата во другите земји.

„Разни класифицирани материјали се расфрлани по масите на пратениците. Звучи банално, но и жените што служат кафе може некогаш да ги прочитаат материјалите“, вели Трајанов.

Информации од преговорите за името протекоа во етерот и пред шест години. Лидерот на опозицискиот СДСМ и поранешен премиер и претседател на државата, Бранко Црвенковски, во ТВ-емисија обелодени документ од 2005 година во кој медијаторот Метју Нимиц наводно предложил три години земјата да се нарекува Република Македонија со латинична транскрипција, а по три години да го употребува уставното име Republic of Macedonia (Република Македонија).

Со документот кој содржи печат „државна тајна“, се предлагало јазикот на државата да се нарекува македонски, односно „Macedonian“ во меѓународна транскрипција. Тоа било одбиено од тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, тврдеше Црвенковски.

Црвенковски во емисијата изјави дека е свесен оти го прекршува правилото за чување државна тајна, но смета оти Груевски прв го нарушил тоа правило кога проговорил за содржината на документот.

Наум Котевски