И без цензус, уставните промени одат во Собранието

Имало или немало цензус на претстојниот референдум за името, потребните уставни измени за реализација на договорот ќе влезат во Собранието. Пратениците ќе имаат можност да гласаат за нив, дури и доколку пропадне референдумското изјаснување. Ваквите срамежливи најави, кои можеа да се слушнат од партиските кругови веднаш по потпишувањето на договорот за името со Грција во Мала Преспа, во средата добија и официјална потврда откако премиерот Зоран Заев го спомена тоа при посетата во зоната „Бунарџик“ за стартот на инвестицијата на турската компанија „Мурат Тиџарет“.

Во договорот што го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, може да се забележи дека одржување на референдумот е по желба на македонската страна, но не и правно обврзувачки. Во член 1 точка 4 се напоменува: „Втората страна, ако одлучи така, ќе одржи референдум“, додека во точка 11 пишува: „Постапките за брзо усвојување на амандманите на Уставот на втората страна, а заради целосно спроведување на одредбите од овој договор, ќе почнат со ратификација на овој договор од нејзиното собрание или по референдумот, доколку втората страна одлучи да одржи референдум“.

Токму во сврзникот „или“, велат познавачите, лежи клучната можност како да се заобиколи изјаснувањето на граѓаните и спогодбата да се реализира дури и во случај да ја нема потребната излезеност од околу 900.000 гласачи (при што над 50 проценти би гласале за договорот), колку што се потребни за да се оствари цензусот.

Отворени сме за расправа за ова прашање дали да биде консултативен или обврзувачки, на крајот одлуката е задолжителна затоа што граѓаните теоретски може да излезат милион, а ако 600 илјади гласаат ‘за’, а 400 илјади гласаат ‘против’, тогаш политичарите ја спроведуваат одлуката, гласаат во парламентот и постигнуваме консензус. Ако излезат милион гласачи, 600 илјади се ‘против’, а 400 илјади се ‘за’, тогаш не важи договорот со Грција. Ако излезат 800 илјади гласачи, 600 илјади гласаат ‘за’, а 200 илјади се ‘против’, тогаш граѓаните не донесле одлука. Ако нема исполнет цензус, нема одлука како што е по Уставот и тогаш останува институциите да одлучат, парламентот да гласа ‘за’ уставни промени или да гласа ‘против’ уставни промени“, рече Заев.

Извори од преговарачките тимови велат дека сè уште постои надеж да дојде до договор меѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, со што опозицијата би зела активно учество во референдумот. Проценките во владејачките кругови се дека доволно ќе биде Христијан Мицкоски да ги повика членството и симпатизерите да излезат и да гласаат, макар и против договорот, бидејќи се претпоставува дека во тој случај сигурно ќе се обезбеди потребната излезеност. Математиките во власта се дека ВМРО-ДПМНЕ во ниту еден случај не би можела да продуцира повеќе гласови од мнозинството гласачи на СДСМ и албанските политички партии.

Од друга страна, во ВМРО-ДПМНЕ велат дека владејачката гарнитура може во секој момент да побара уставни измени, но оти пречка за тоа е што го немаат потребното двотретинско мнозинство во Собранието.

Иако кај нас тлее сомневање дека е можно Заев воопшто и да не организира референдум, сепак, очекуваме тој да биде распишан и да се одржи на 30 септември. Остануваме на нашите ставови, прашањето мора да биде еднозначно, а не како што го најави премиерот. Анкетите засега укажуваат дека владејачкото мнозинство е далеку од потребниот цензус, затоа продолжуваат притисоците врз нас. Ако референдумот пропадне, Заев ќе се обиде да ги протурка уставните измени преку Собранието. Засега располагаат со 72 пратеници, се вршат притисоци врз нашата коалиција, прво кон тројцата членови на Социјалистичката партија, а потоа и кон нашите пратеници што се под обвинение за настаните од 27 април“, велат функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на македонската влада напоменува дека ставот на власта е референдумот да биде консултативен што, исто така, остава простор за заобиколување на резултатите. Доколку референдумот, сепак, биде успешен, би следувале уставните измени, за кои, според најавите, ќе гласаат и пратениците на опозицијата, почитувајќи ја волјата на мнозинството граѓани изразена на плебисцитот.

Горан Адамовски