Искрено со поп-пејачката Маја Саздановска-Лилчиќ: Ја учам Срна да не се плаши

Маја Саздановска-Лилчиќ (35) е еден од најмоќните вокали во поп-музиката. Секогаш барана и како придружен вокал. Од пред три години работи во Македонската опера и балет. На сцената е 30 години, уште од пет години кога ја снимила првата песна „Глушец ушец“ за детската серија „До ре ми“.

„Да се гледа таа снимка е доживување за сите сетила, да не знаеш што е посмешно – дали јас што имам само еден преден заб или што држам глушец колку половина од моето тело!“, вели Маја.

Маја се оствари како мајка, ја има преслатката Срна (5) и поголемиот дел од времето го насочува кон неа. Нејзиниот сопруг и најголема љубов, Сашо Лилчиќ, почина додека Срна беше мала.

Те нема на поп-сцената. Не ти е понудена добра песна, заситена си од мак-естрадата или кариерата ја тераш во друга насока?

– Ме нема да, ме нема во првиот ред, но присутна сум во константност на секаков можен начин. Дали ќе ме слушнеш како ти пеам реклама на радио, или ти читам текст во офф-тон, или стојам гордо исправена зад најголемиот македонски женски изведувач – Калиопи и многу други музички обврски што ми ја задоволуваат жедта, јас сум тука. Искрено, одамна веќе не ми се допаѓа правецот во кој оди македонската естрада и, впрочем, секогаш сум се прашувала имаме ли естрада?! Или сето тоа се само тешки обиди на ентузијасти кои сѐ уште имаат некаква утеха за работата што ја работат. Кога само ќе ми текне каква отскочна штица имаше македонската поп-сцена од ‘97, па тие 10-ина години… одлично беше, кој знае дали ќе се повтори пак?!

Да не ни спремаш некакво музичко изненадување?

– Па, не баш, ама никогаш не вели никогаш. Имам готова песна, еве и јавно ќе му се заблагодарам на Гаро Тавитијан, кој сѐ уште ја чува за мене таа песна, не ја дал никому. Таа песна е целосно готова, само треба да се пушти во етер, но, ете, мене никако да ме зафати „поволна клима“.

Вработена си во МОБ. Дали те исполнува работното место?

– Во Македонската опера и балет работам веќе 3 години, во дирекцијата на операта, како организатор на оперски прашања. Претходно, две сезони бев пи-ар. Имам динамична и забавна работа со солистите и двата ансамбла на театарот – оркестарот и хорот. Дневно некогаш ми поминуваат повеќе од стотина луѓе пред очи и навистина има денови кога работните часови се вистински предизвик. Инаку, работата како работа ми е убава, колективот е исполнет со весели и распеани грла. Не може со музика да не ти биде интересно.

Како ја оценуваш нашата естрада, напливот од регионални и светски ѕвезди?

– Јас сум секогаш за разновидност! Од нашата естрада неверојатно остана само името, за жал, не остана ни медиум ни радио каде што би можело да се добие соодветен третман или минути или да се испрезентира некој. Сите сме почнале од почеток, но тогаш имаше критична маса што следеше што се случува, имаше телевизија која ќе те испрезентира, имаше каде да се пуштаат видеоспотовите… сега е сѐ поинаку, ама како да не е поарно. Напливот е онаков каква што е публиката, а публиката без едукација и наслушаност за музика од светот и минатото е совршена за напливот што доаѓа од регионот. Секоја чест за настаните кои нѐ честат со странски имиња и полнат батерии и, ако ништо друго, барем ќе покажат на кратко како треба да звучи и да изгледа еден концерт, бенд, сцена…

Важиш за еден од најмоќните вокали во нашата поп-музика. Кои се твоите тајни на успешна кариера?

– Искрено, многу ми е убаво кога ова ќе си го прочитам за себе, искрено. Ти благодарам.

Веројатно музичкиот ген што фамилијарно го носиме ја има најголемата заслуга, дедо и баба првенци – оперски пејачи, околу мене музичари изведувачи, пејачи на забавни и народни песни, композитори, аранжери, продуценти – зарем ова не е доволна мотивација за да работи човек константно и да биде барем еден дел успешен колку што пред тебе некој оставил трага?!

Лозата почнува од мојот дедо – Благоја Петров-Караѓуле, татко на мојата мајка – првенец на операта на Македонија во времето на Југославија. Неговата сестра е Блага Видец, оперски солист – првенка на Сараевската опера. Тетка ми е Виолета Томовска, еден од директните ученици на Караѓуле – негова внука, најсреќна од сите нас, која ја научил на сите финеси на пеењето. Братучетка – Олгица Христовска – внука на Караѓуле. Во фамилијата, зет и „засилувач“ на музикалниот ген е Славе Димитров, а воедно и човекот кој е виновен за јас да бидам верен вљубеник во музиката, неговите две деца се Дарко и Оливер Димитрови. Тука се исто: Вујко и Вујна – Љупчо Мирковски и Будимка Имери. Од двете семејства се огромни таленти и подмладокот Бобан Мирковски, Ади и Дино Имери.

Од страната на Блага Видец, нејзиниот син, Томица Видец, пред некколку месеци се пензионираше како флејтист во операта во Загреб, а од двете ќерки, од Верица – тројцата синови се музичари, а од Катица, ќерката Ивана е неповторлив вокал. За младинава наша… сѐ уште чекаме!!! Но најголемата тајна е многу работа, многу вежбање, гласот го обожава тоа. Колку вложуваш, толку и ќе ти се враќа. Едноставно е.

На кого му се восхитуваш од светската поп-сцена?

– На Џил Скот, на Ерика Баду, на Стиви Вондер, на Бруно Марс, Лела Хатавеј… имаш време да продолжам да набројувам?

Со кого сакаш да пееш во дует? Кој ти е неостварена желба?

– Имам многу со кои би сакала да отпеам дуети, и машки и женски… би направиле еден албум само со дуети… би пеела со Лозано, со Олгица Христовска, пак, би сакала дует да снимам со Јован Јованов – кој ужасно ми недостига…  но најголема желба ми е да снимам дует со Славе и  Дарко Димитрови!!! Скромно нели?

Со кого најмногу се дружиш од естрадата?

– Офф, јас сепак си ги гледам како мои долгогодишни пријатели и другари. Фани е таа која е сѐ уште присутна и ја сакам како сестра! Плус кума сум ѝ, така што нема бегање (се смее).

Постојано те гледаме со ќерката Срна. Како се снаоѓаш во улогата на мајка?

– Срна има 5 години и е откачена како никој. Како мајка мислам дека не ми беше воопшто потребно да се снаоѓам, тоа сѐ толку природно ми дојде, така што понекогаш и јас си се чудам од себеси. Дефинитивно – децата се најдоброто нешто што може да ни се случи.

Какво дете е Срна? На кои животни лекции ја учиш?

– Срна е перцептивно дете на кое ништо не може да и избега од видикот, многу сака да пее и да игра, да се смее. Мала и итра! Јас ја учам да биде самостојна, упорна и истрајна и да не се плаши! Сѐ друго сум сигурна дека сама ќе може да реши. Убедена сум во тоа.

Дали прашува за татко си?

– Да, како не, секојдневно. Татко ѝ е присутен во разговорите и во секојдневието. Тоа е тоа, мора да се биде многу реален со децата, само тоа ги води во вистинскиот правец. Само вистината.

Ретко кој знае и дека одлично шминкаш. Шминкањето ти е работа, хоби, задоволство или дополнителна заработка?

– Кога ќе се нафатам на нешто, како шминкањето, јас го доведувам до перфекција. Уште еднаш ќе ти кажам, благодарам на комплиметот дека одлично шминкам, тоа е една голема моја љубов, која од хоби и задоволство премина во професионален израз и опсесија. Многу ликови ми поминале под рацете, многу проекти и тоа е една од работите која ме прават посебно среќна и горда.

Кој те шминка тебе на сцена или на јавни настани?

– За сите настапи и јавни појавувања се шминкам сама, секогаш расположена за експерименти, кога сум јас во прашање, но за клиентките нивната желба секогаш за мене е закон, па затоа имаме одлично разбирање и соработка!!

Твој совет до дамите за шминкање?

– Убава и здрава кожа, пијте многу вода, негувајте ја кожата, таа возвраќа, и сите оние реклами што ги гледате, иако изгледаат совршено, покрај сите фотошопи и доправања и природни убавини, најмногу ако кожата на лицето е негувана и чиста.

Лејла Сабит Фото: Борис Грданоски