Инаетот посилен од заканата со импичмент

Пред точно две години Ѓорге Иванов стана првиот македонски претседател за кој е покрената постапка за утврдување одговорност за кршење на Уставот, која сосема очекувано заврши неуспешно. Иницијативата потекна од тогаш опозицискиот СДСМ, а причина беше колективната аболиција за можните обвинети околу случаите што произлегоа од масовното прислушување. Сега, Иванов е повторно соочен со закана за импичмент, но под други околности, со оглед на променетиот распоред на силите во законодавниот дом. И во двата случаи повод се обидите на шефот на државата да ги саботира политиките на лидерот на СДСМ, Зоран Заев – тогаш во однос на криминално-корупциските скандали што произлегоа од „опозициските бомби“, а сега за договорот со Грција, кој  меѓународната заедница го квалификуваше како „историски“.

Најавата за импичмент дојде лично од премиерот Заев откако Иванов навести дека, веројатно, нема да ја потпише ратификацијата на договорот со Грција, со што се отвора можност тој да постапи слично како со Законот за јазиците, кој сѐ уште стои во некоја фиока во резиденцијата на Водно.

Но, заканата од Заев не го поколеба Иванов. Тој се јави вчера со пишана изјава во која го повикува премиерот веднаш да покрене постапка за импичмент против него нагласувајќи дека неговиот став во однос на договорот за името е конечен и останува непроменет.

– Го повикувам Заев, со истото двотретинско мнозинство кое е неопходно за менување на Уставот, веднаш да покрене постапка за утврдување на одговорност на претседателот, односно импичмент – наведува Иванов во пишаната изјава до медиумите.

Заев, пак, во интервју за „Канал 5“ рече дека има желба за окрупнување на парламентарното мнозинство и дека тоа ќе се направи исклучиво за импичмент на претседателот.

– Граѓаните се тие што ќе решат дали сакаат промена на името, но ако на референдумот се прифати договорот, никој нема право да го попречува нивното мислење“, рече Заев.

По вчерашната ратификација на договорот со Грција во парламентот, според информациите, потписот на Иванов не е неопходен за Македонија да може да се надева на почеток на преговори со ЕУ на самитот на Европскиот совет следната недела. Иванов има рок до следната среда да ја потпише ратификацијата, но и ако не го стори тоа, како што се најавува, понатамошната постапка за стапување на сила на договорот ќе продолжи по Европскиот самит, со оглед на тоа што со „планот“ од Преспа се бара само договорот да добие зелено светло во Собранието. Сепак, ако Иванов и во овој случај употреби „суспензивно вето“, како што направи со Законот за јазици, би се создале услови за покренување импичмент против него. Тоа, ако се суди според најавата на Заев, би се случило наесен, односно по референдумот што би се одржал во септември или евентуално во октомври,а чиј исход би бил обврзувачки. Тогаш на Иванов би му останала уште половина година од мандатот, така што импичментот би бил повеќе симболичен чин. Сепак, во случај оваа постапка да успее (за што е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, а потоа и во Уставниот суд), прашање е дали Иванов ќе може да ги користи доживотните бенефиции што му следуваат по истекот на претседателскиот мандат. Имено, законот кој ги третира правата на поранешните претседатели не предвидува бенефиции во случај на предвремен престанок на мандатот, освен ако причина за тоа е трајна спреченост на шефот на државата да ја извршува функцијата. Од друга страна, ова е втор мандат на Иванов, така што има и толкувања дека нему сепак му следуваат привилегии со самото тоа што го истуркал до крај првиот мандат.

Според македонскиот Устав, претседателот е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности. Постапка за утврдување одговорност на претседателот покренува Собранието со двотретинско мнозинство (најмалку 80 гласа) од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд, исто така, со квалификувано мнозинство, што би значело дека најмалку шестмина од девет судии би требало да се изјаснат дека Иванов го прекршил Уставот. Ако Уставниот суд утврди одговорност, престанува функцијата на шефот на државата.

Претходната постапка за импичмент против Иванов не ни стигна до Уставниот суд, туку заврши во парламентот, затоа што СДСМ тогаш беше во опозиција и не успеа да обезбеди ниту апсолутно мнозинство во однос на проценката дека шефот на државата го прекршил Уставот со масовната аболиција за прислушувањето. Сега социјалдемократите го контролираат парламентарното мнозинство кое брои моментно 68 пратеници, а премиерот Заев не исклучува можност за негово понатамошно проширување, со оглед на тоа што ќе му треба двотретинско мнозинство и за донесување на уставните измени што произлегуваат од договорот за името, а кои треба да се донесат до крајот на оваа година.

Александра М. Митевска