Има ли кој да ја купи белата палата

Не мина многу време, а белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ од прашање поврзано со политиката се претвори во прашање поврзано со финансиската кондиција на партијата. Нејзиниот претседател, Христијан Мицкоски, во интервју за порталот МКД.мк најави дека поради рационализацијата на трошоците во партијата се размислува дури и за продажба на веројатно најрепрезентативното партиско седиште на овие простори. Покрај политичките, очигледно, и финансиски проблеми силно ја притискаат партијата, која до скоро важеше за најбогата во Европа.

„Ако имаме соодветна понуда, објектот на штабот на партијата би го продале или би го изнајмувале. Сега правиме еден вид на скенирање на пазарот, па ќе видиме“, ќе рече Мицкоски.

Ваквата негова идеја е своевидно слушање на гласот на реформското крило во партијата со кое тој деновиве расчисти на тој начин што за нив беше затворена партиската врата однатре.

Членовите на таа партиска групација, која во дел од јавноста беше окарактеризирана како свежа крв со реална европска ориентација, уште пред неколку месеци излегоа со предлог ултраскапото здание во центарот на престолнината да биде префрлено во сопственост на државата, а како компензација да се добие објект кој би ги задоволил основните работни потреби на партијата.

Со тоа, како што ни изјавија вчера дел од нив, ќе се рефлектира политичка пристојност, а не забеганост.

„Идејата беше да се покаже јасна намера за расчистување со мегаломанското минато на груевизмот и да се демонстрира дека ВМРО-ДПМНЕ, всушност, не е корпорација, туку партија која работи во интерес на граѓаните“, коментираат тие.

За Филип Петровски од демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ најавите за продажба или изнајмување на седиштето на партијата се последица на исклучување на одредени лица кои досега ја финансирале партијата. Тој, исто така, ја доживува палатата како отуѓување на партијата од членството и симбол на лажната моќ.

Во таа насока познато за јавноста е и писмото на еден од основачите на партијата Владимир Змејковски, брат на пратеникот Борис Змејковски, упатено директно до експремиерот и партиски лидер Никола Груевски, во кое тој му порачува: „градиш палата само да си ги задоволиш своите мегаломански апетити“, правејќи притоа паралела со претходното скромно седиште т.н. жолта куќа која се наоѓаше отспротива и која, како што нагласува, била освојувана соба по соба со многу пот и мака.

Според информациите од партијата, финансиската ситуација речиси година и пол по заминувањето во опозиција не е најсјајна, но дел од соговорниците посочуваат дека засега редовно се сервисираат тековните трошоци. Незавидната финансиска ситуација беше една од причините најголемата опозициска партија како еден од своите приоритети да го наметне донесување на Законот за финансирање на партиите со кој од буџетот ќе се издвојуваат два и пол пати повеќе средства (ако за пример се земе годинешниов буџет, тоа би значело пет милиони евра, наместо два). Со измените на Законот се предвидува партиите да можат да поседуваат и земјиште, нешто што не беше дозволено со стариот закон. Без оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ и досега се јавуваше како сопственик на ниви и пасишта, од неодамна со законските измени поседувањето на земјиште од страна на ВМРО-ДПМНЕ или некоја друга партија е озаконето. Партиите, исто така, ќе можат да се финансираат и со банкарски кредити.

Седиштето на партијата, палатата „Христо Татарчев“, која се наоѓа веднаш до скопското шеталиште, улица „Македонија“, е заложена како хипотека за кредитот од три милиони евра што на три дена пред парламентарните избори во 2016 година партијата го подигна од Комерцијална банка.

Зградата е опфатена и со случајот на СЈО, „Талир“, кој се однесува за перење пари и незаконско финансирање на партијата, со сомневање за злоупотребени 4,9 милиони евра. СЈО во мај 2017 година побара замрзнување на имотот, поради тоа што постоеле основани сомненија дека овој објект потекнува од кривично дело, меѓутоа подоцна се откажа од намерата за да не влијаат, како што кажа специјалната обвинителка Катица Јанева, на политичката состојба. И хипотеката и инволвираноста во случајот „Талир“ на некој начин му ги врзуваат рацете на ВМРО-ДПМНЕ да ја реализира во брзо време својата намера.

„Во која било фаза од постапката СЈО повторно може да бара конфискување на имотот. Но во случај партијата да не ги сервисира редовно своите обврски кон банката и доколку притоа се утврдат елементи на заплена, тогаш најпрвин се намирува банката, а потоа државата“, вели адвокатот Драган Малиновски.

Доколку партијата го продаде имотот, кој моментно не е замрзнат, нагласуваат правниците, а потоа евентуално се донесе правосилна пресуда и се докаже дека во случајот „Талир“ има имотна корист од злоупотреба на службена должност, тогаш судот ќе нема од што да наплати евентуална имотна корист.

Според проценките на СЈО направен за случајот „Талир“, вредноста на седиштето е проценето на 6,9 милиони евра. Палатата ја изгради фирмата „Бетон“ на бизнисменот Минчо Јорданов во периодот од 2013 до 2015 година, а според договорот дел ѝ припадна на партијата, а другиот дел треба да биде хотел (според одредени проценки целото здание ја надминува сумата од 15 милиони евра). Партнерите го поделија имотот, меѓутоа никогаш не открија колку чинеше изградбата на целата зграда која има 11.000 квадрати.

Според СЈО, ВМРО-ДПМНЕ го вложила само земјиштето вредно околу 1,25 милион евра, а добила седиште во вредност од 6,9 милиони евра и плус околу два милиони евра во пари, зашто просторот од палатата што го добила партијата бил за 634 квадрати помал од договорениот, па партнерите се пребиле со пари. За вложените 1,25 милион евра ВМРО-ДПМНЕ добиле пари и недвижен имот во вредност од девет милиони евра, а разликата од 7,8 милиони евра СЈО ја смета како незаконска донација на фирмата кон партијата. Непознато е колку вреди луксузното опремување на внатрешноста на седиштето (светкави подови, барокни двоседи, екстравагантни лустери, сосе многуте уметнички слики поставени на ѕидовите од кои ве гледаат политичките ведети на претходните раководства) за кое јавноста дозна многу подоцна, откако зградата стана функционална.

Таа е само дел од имотот на партијата. Центарот за истражувачко новинарство СКООП во 2016 година, односно во последната година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ објави фрапантен податок – дека партијата поседува 93 имотни листови во кои е запишана вкупна површина поголема од 33.000 квадратни метри, а вкупната вредност се проценува на околу 60 милиони евра. За споредба, партијата на Ангела Меркел поседува имот од 50 милиони евра, а имотот на двете најголеми партии во Британија заедно не изнесува повеќе од 20 милиони фунти. Прашање е што остана од тој имот и каде ги снема парите за партијата да размислува за продавање на екстравагантното седиште.

Наум Котевски

 

На местото на белиот дворец била предвидена шесткатница

Според првичната идеја од 1997 година, според истражувањата на „Призма“, кога првпат е сменет деталниот урбанистички план (ДУП) и околу жолтата трикатница (старото седиште на партијата), која зафаќала 200 квадратни метри, била доцртана нова градежна парцела со површина од околу 1.200 квадрати.
Според овој ДУП, првичната идеја била таму да се подигне нова шесткатница со канцеларии, висока 25 метри и со габарит од нешто помалку од 700 квадрати. Меѓутоа, прво требало да се регулира сопственоста врз земјиштето.
Целата градежна парцела се простирала врз државно земјиште и според официјалните документи уште на почетокот од 2008 година Катастарот ги зел работите во свои раце прекројувајќи и спојувајќи парцели, така што ВМРО-ДПМНЕ можела потоа со еден договор во пакет да ја купи целата земја. Тоа се случило веќе наредната 2009 година.

Таа година во јуни Миле Јанакиески во име на Министерството за транспорт и врски му го продал целото земјиште на ВМРО-ДПМНЕ по пат на непосредна спогодба. Од страната на партијата овој договор го потпишал Мартин Протоѓер во улога на тогашен генерален секретар.
Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ од државата што ја водела самата партија купила две парцели, онаа под жолтата зграда и поголемата околу неа, со вкупна површина од 1.241 квадратен метар или речиси колку што изнесува градежната парцела за новото седиште. Партијата го купила земјиштето за нешто повеќе од 130.000 евра, односно приближно за 110 евра по квадрат.
Тоа е цена која е далеку пониска од пазарната во најатрактивната општина во Македонија, бидејќи истото Министерство за транспорт и врски во центарот на Скопје наредната 2010 година продаде државно земјиште на јавна аукција за 3.000 евра по квадрат.
Меѓутоа ВМРО-ДПМНЕ го искористила Законот за градежно земјиште, поточно одредбата која вели дека сопствениците на легалните објекти може да ја приватизираат целата градежна парцела со договор во четири очи според цените што ги одредува Владата.
Ова се и единствените пари што ВМРО-ДПМНЕ ги вложила за изградбата на новата зграда, бидејќи подоцна го ангажираше „Бетон“ – АД Скопје како коинвеститор.