Имаше ли обид за реприза на 27 април?

Откако премиерот Зоран Заев го потпиша договорот за промена на името на земјата во „Република Северна Македонија“, започнаа неколкудневните протести пред Собранието кои кулминираа во насилство. Иако тие беа организирани преку социјалните мрежи, според дел од аналитичарите и креаторите на јавното мислење во земјава, можно е да има руско влијание на политичката сцена. Пред сѐ бидејќи во првите редови на протестот беше лидерот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев, кој освен со македонското, во еуфорија мавташе и со неформалното руско знаме. Исто така, како увертира на протестот претседателот Ѓорге Иванов за бугарски новинари изјави дека народот во Македонија не треба да се плаши и го повика директно да го чува идеалот на непокорот.

„Го повикувам македонскиот народ, каде и да се наоѓа, да не се плаши. Не ја губете вербата во себе. Чувајте го и негувајте го нашиот многувековен идеал на непокорот“, повика Иванов. Во јавноста оваа изјава ги разбуди сеќавањата на времето кога поранешниот премиер Никола Груевски го повика народот да не седи дома, туку да излезе на улица за да се избори за својата слобода, по што следуваше крвавиот упад во Собранието.

Само неколку часа по обраќањето на Иванов, пред Собранието беа организирани протести со недолични извикувања, а ден потоа и насилни протести во кои беа повредени 10 полицајци. Како што соопштија од Јавното обвинителство, МВР лишило од слобода 26 лица, од кои пет малолетници. Оттаму наведуваат дека од анализите на видеоматеријалите и другите докази ќе се утврди кои лица се вмешани во насилните протести и за истите ќе следува поднесување на кривични пријави. Кој навистина стои зад овие протести и можно ли е тие да се одговор на повикот на Иванов?

Ситуацијата со името е емотивна приказна на која голем број луѓе наивно наседнуваат, смета аналитичарот Нано Ружин. Според него, во манипулацијата на народот освен сегашни и поранешни политички чинители, се вплеткува и претседателот Иванов.

„Во целата оваа ситуација се вплеткува претседателот Иванов, кој си зема за право, надвор од своите уставни ингеренции, практично да повикува на нешто. Народот да не се плашел… од кого да се плаши народот? Не се работи за каква било закана бидејќи јасно се кажа дека претстои референдум, при што народот демократски ќе се изјасни за тоа дали прифаќа промена на името или не. Исто така, во однос на она што го направи Бачев со руското знаме, претпоставувам дека зад него не стои ниедна директива од Кремљ, но кога тоа го прави функционер на политичка партија, која отворено се залага за проруска ориентација, тогаш е сосема разбирливо дека, сакале или не, директно или индирекно, сите сомнежи се вртат кон Русија. Имаме сега еден коктел на насилно однесување, на насилно поттикнување и на сеење страв, омраза меѓу групите кои различно размислуваат за ова прашање, и тоа не ѝ е потребно на Македонија“, смета Ружин.

И покрај насилството на последниот протест, сепак Ружин оценува дека 27 април нема шанси да се случи бидејќи институциите нема да го дозволат тоа, но дека митски повици, како тие на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, лошо влијаат врз Македонија.

Од МВР порачаа со соопштение дека полицијата навремено ќе реагира и нема да дозволи упад во Собранието, а за секој што ќе се реши на таков чекор ќе биде поднесена кривична пријава. На последното соопштение на МВР стои дека дел од демонстрантите на протестите употребиле распрскувачки средства и насилно ја турнале заштитната ограда обидувајќи се насилно да влезат во Собранието.

„Со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата употреби солзавец. МВР нагласи дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила и насилен упад, како и нарушување на јавниот ред и мир. МВР апелира на демократски начин на изразување на јавното мислење“, се вели во соопштението.

Коментирајќи ги последните протести во Скопје, аналитичарот и професор Даниел Сервер оцени дека руското влијание на Балканот е присутно и тоа не треба да се потцени. Според него, САД и ЕУ треба да го зголемат своето присуство во овој дел од светот за да се намали тоа.

„Србија сѐ уште флертува со Русија бидејќи Русија има влијание и тоа влијание редовно преку дипломатски и други начини го спроведува. Ниеден политичар на Балканот не може да го игнорира фактот дека Русија направи заговор за убиство на Ѓукановиќ. Ова треба сериозно да се сфати“, оцени Сервер кој додаде дека и земјите од Западен Балкан треба да ги зацврстат институциите преку нивна демократизација за да не се остави простор за руско влијание.

Можна намерна дестабилизација на Македонија од „руски играчи“, неодамна најави пратеникот во руската Дума, Иља Пономарјов. Тој за ИНА изјави дека Македонија е цел на можна дестабилизација во пресрет на приемот во НАТО.

Сарачини и Мехмети: Нема да успее играта на руските пиони

Граѓанскиот активист и член на пиар-служабата во Владата, Петрит Сарачини, оцени дека се видливи руски елементи во насилните протести пред Собранието. Сарачини со статус на Фејсбук напиша дека лицата што дејствуваат според упатствата на Русија имаат за цел да ја дестабилизираат државата бидејќи за нив е неприфатливо Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ.

„Руски пиони разиграни на протести и социјални мрежи, во обид да спроведат јалово сценарио за дестабилизирање на државата. Договорот за името, тргнувањето напред кон ЕУ и НАТО им ги поматува сметките, без теми за палење национализам овие луѓе немаат живот. Се обидоа повторно да влезат насилно во Собранието и се жалат дека полицијата овој пат не им дозволила да дивеат по своја волја како на 27 април“, напиша Сарачини.

Слично мисли и поранешниот граѓански активист и член на „Шарената револуција“, Замир Мехмети. Во својата реакција за насилните протести Мехмети напиша дека навивачката група „Комити “, која беше организатор на протестот, не е обична навивачка група, туку во себе содржи голема доза на омраза за сѐ што не е македонско.

„’Комитите’ не се обична навивачка група. Тие се група фашисти полни со омраза кон сѐ што не е македонско. ‘Комитите’ речиси по секој натпревар или нивен собир редовно напаѓаат и тепаат Албанци, случајни минувачи или кршат излози или дуќани на муслимани. Се сеќавате ли на упадот на ‘комитите’ во населбата Нерези каде што им влегоа во домовите на луѓето и ги тепаа.

Да се разбереме, не сум фан на полиција и апсолутно сум против полициска бруталност, ама кажете другари каде во светот полицијата толерира напад врз нив со ‘молотови коктели’, распрскувачки материјали, шипки и камења? Зарем треба полицијата, како на 27 април под водство на Чавков, да им дозволи да влезат и да го запалат Собранието? И каква е таа полициска бруталност за која горенаведените евтино и безобразно се обидуваат да манипулираат со слики од странски портали стари по неколку години за да ја престават полицијата како монструозна, а ‘комитите’ како жртви“, напиша Мехмети.

Блерим Исмаили