Идниот претседател – од „Бихаќска“ или од Мала Речица?

Две сценарија се споменуваат моментно како најверојатни во однос на пролетните редовни избори, откако високи владини извори ја оставија отворена можноста во вториот круг да не се постигне цензусот за избор на шеф на државата.

Според првата варијанта, изборите, сепак, би завршиле успешно така што наследникот на Ѓорге Иванов веројатно би бил од редовите на СДСМ, како консензуален кандидат со ДУИ – со оглед на предноста што владејачкиот табор ја има во анкетите, слабиот коалициски потенцијал на опозицијата и досегашното искуство кое упатува на тоа дека власта редовно победува на претседателски избори. Успешноста на изборите најмногу зависи од ВМРО-ДПМНЕ и од опозициските партии, чиј евентуален бојкот би можел да го доведе во прашање постигнувањето на цензусот од 40 проценти. Сепак, има проценки дека, и во случај опозицијата да реши да не учествува на изборите или да се откаже во вториот круг, има шанси да се постигне потребниот праг. Во прилог на тоа се посочува дека на референдумот за името одѕивот изнесуваше близу 37 проценти, така што за време на избори би можела да се очекува поголема мобилизација на неопределените гласачи за да се надминат потребните 40 отсто излезеност. Во тој контекст е и најавата за можно спојување на претседателските избори со предвремени парламентарни избори – по примерот на изборите во 2014 година, кога за пратеници се гласаше за време на вториот претседателски круг. Во таков случај, гласачкото тело на опозицијата, практично, би било приморано да излезе на изборите за пратеници, а очекуван е и поголем одѕив на неопределени гласачи.

Од друга страна, премиерот Зоран Заев во неколку наврати посочи дека планира неговата влада да го истера целиот мандат – до редовните парламентарни избори кон крајот на 2020 година. Исто така, предвремени избори не се опција што ѝ одговара на ДУИ, која се противеше на тоа и кога се пласираше таква можност веднаш по референдумот. Вонредни избори не ѝ одговараат ниту на независната пратеничка група, затоа што осумтемина пратеници што излегоа од ВМРО-ДПМНЕ тешко би обезбедиле нов мандат.

Второто сценарио за претседателските избори предвидува бојкот на ВМРО-ДПМНЕ и неуспешен исход од гласањето во вториот круг. Во таков случај, до избор на нов шеф на државата в.д. претседател би бил актуелниот прв парламентарец Талат Џефери, кој изјави деновиве дека не се гледа себеси како кандидат на претседателските избори. Но тоа би се реализирало ако паралелно не се одржуваат и предвремени парламентарни избори, по чија завршница би требало да се конституира нов собраниски состав и да се избере нов претседател на парламентот. Евентуални неуспешни избори, според најавите, најверојатно би испровоцирале нови уставни измени при што, исто така, се можни две опции: изборот на шеф на државата да се пресели во парламентот или, пак, да се оди на дополнително намалување на цензусот или на негово целосно бришење. Иако сега е предвидено, во случај на неуспешни претседателски избори, нивно брзо повторување во рок од 40 дена, во случај на ново отворање на Уставот постапката за избор на наследник на Иванов сигурно би се одолговлекла неколку месеци.

Бришење на цензусот или промена на моделот

Пред десетина години беше направена интервенција во Уставот, со која цензусот за одѕивот во вториот круг се намали од 50 на 40 отсто од запишаните гласачи.
Професорката од Правниот факултет Гордана Силјановска-Давкова пред извесно време за „Независен весник“изјави дека не постои друг пример во Европа на избор на претседател со толку висок цензус во вториот круг. Таа вели дека уште кога се менуваше Уставот во делот на претседателските избори, експертите сугерирале бришење на цензусот или негово позначајно намалување,

– Цензус каков што има во Македонија не постои ниту во Франција. Ако се следи францускиот модел за избор на претседател, јасно е дека ако во вториот круг влезат двајца кандидати едниот од нив треба да победи. Но македонско-албанските коалиции на власт сè досега до смрт го бранеа високиот цензус за избор на претседател – вели Силјановска. Таа посочува дека во повеќе европски земји претседателите се избираат на непосредни избори, најчесто без цензус во вториот круг, а има и примери на значително понизок праг од македонскиот.

Во забелешките на Венециската комисија, Македонија е нотирана како редок пример на држава со толку висок цензус за избор на претседател во вториот круг. И во извештаите на набљудувачките мисии за време на изборите во земјава има препораки за преиспитување на цензусот.
Силјаноска сметаше дека нема потреба од промена на изборниот модел, односно шефот на државата да се избира во парламентот, а не на непосредни избори.
„Граѓаните имаат можност непосредно да избираат градоначалник и претседател на државата. Тоа е можност да се гласа за личност, а не само за партија. Ако тоа им се одземе на граѓаните и ако и тој избор го монополизираат партиите во парламентот, тоа ќе значи и повеќе авторитарност“, вели Силјаноска.

Наспроти тоа, универзитетскиот професор Денко Малески изјави неодамна дека треба да се разгледа можноста за избор на шеф на државата во Собранието. Тој рече дека своевремено се залагал шефот на државата да се избира во парламентот посочувајќи дека тоа може да биде добро решение, ама и не мора.

– Нашето досегашно искуство со претседателите го објаснував, така што тие секогаш стануваат заробеници на партиите што ги предлагаат. Тие никогаш не се издигнаа над ситуацијата и над партиските поделби. Никогаш не станаа прифатени од сите, дури и претседателот Глигоров со кого работев. Затоа, изборот на претседател во Собранието може да биде едно од решенијата, иако и така постои можност да се избере несоодветен кандидат само затоа што ќе се постигне консензус за тоа меѓу парламентарните партии – изјави Малески.

Александра М. Митевска