За упис на бруцоши на државните универзитети предвидени се 25.333 места

На шесте државни универзитети во земјава за академската 2018/ 2019 година предвидени се  вкупно  25. 333 слободни места. Најмногу места има на УКИМ и тоа 11. 661, потоа на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип 5187, па на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола 3635. За  тетовскиот универзитет определени се 3185  додека на Универзитет  „Мајка Тереза“ во Скопје 1175 и 490 на Универзитетот за информатички науки и технологии Св. Апостол Павле во Охрид. На УКИМ најмногу места за бруцошите има на Природно- математички факултет и тоа 1235, на економски 1120, на Факултетот за  информатички технологии и компјутерско инженерство 1100 и Филозофски 1095. Деканот на  ФИНКИ, професор д-р Иван Чорбев, посочува дека на идните студенти, за додипломски студии ќе им понудат нови реформирани студиски програми како Интернет, мрежи и безбедност, Компјутерски науки, Компјутерско инженерство, Примена на информациски технологии, Софтверско инженерство и информациски системи, по теркот на спецификациите на Светската асоцијација на  информатичари.

„Ги реакредитираните студиски програми, со нови имиња, и ги направивме компатабилни со Светската асоцијација на информатичари, бидејќи тоа беа и нивни препораки за високо образование имајќи ги во предвид локалните услови во Македонија и во регионот, со доза на меки вештини, претприемништво, маркетинг, менаџмент. Квалитетните содржини од порано се задржани, еволуирани се во смисла на новите трендови во  информатиката во светот  и препораките на асоцијацијата. Купивме нова лабораторија, компјутери. Очекуваме факултетот да ја задржи популарноста меѓу младите со оглед на тоа дека нудиме добра професија, студентите веднаш по дипломирањето, а им во текот на студиите успеваат да најдат работа. Имаме соработка со компании  и имаме иницијатива со ИЛТ, преку која се организираат семинари каде инженери од фирмите им предаваат на нашите студенти“ изјави проф. д-р Чорбев.

Новини во студиските програми има и на Универзитет  „Мајка Тереза“. Најмногу студенти предвидени се  на Факултет за социјални науки 415 и на Факултет за технички науки 350, најмалку на  Факултет за технолошки науки 80.

„Имаме агро инженерство, технологија на текстил со стил и моделарство, применето програмирање и за четвртата студиска програма, царина со шпедиција уште не е довршена, чекаме да добиеме решение за акредиација. Очекуваме во новата академска година да имаме поголем број на студенти, затоа што имаме и повеќе и поинтерсени програми. Имаме нови студиски програми, а бројот  на места за прием на бруцоши останува ист како лани.  Бројот на студенти во некои програми сме го намалиле како што е примерот со факултетите за електротехника и машински. Верувам дека ќе има голем интерес за програмите како што се спорт, јавна администрација, социјална работа, економија. Имаме соработка со повеќе од 10 компании од каде нивни претставници држат предвања на Универзитетот“, изјави ректорот на универзитетот проф. Азис Положани за „Независен весник“.

На Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола најмногу студенти ќе можат да се запишат на Економски 540 и на Технички факултет 490, додека најмалку на Ветеринарен факултет 45. На универзитетот во Тетово најмногу места се планирани за упис на  Природно- математички факултет и тоа за  480 студенти, најмалку 80 на Факултетот за физичка култура. На штипскиот универзитет најмалку места се предвидени за упис на Ликовна Академија 35  и на Филмска  Академија 30, најмногу на  680 студенти планирано е  за  Факултет за медицински науки.

На факултетот за информатички системи, визуелизација, мултимедијална и анимациска техника при охридскиот универзитет предвидени се 130 најмногу во споредба со бројот на другите факултети.

Инаку првиот уписен рок на универзитетите најчесто е во втората половина на август, вториот кон крајот на август и првите денови од септември, а третиот уписен рок е кон средината  на септември. Матурантите кои ќе се запишат како редовни студенти и ќе влезат во државната квота ќе плаќаат 200 евра годишно, редовните студенти во квотата со кофинансирање и вонредните  ќе плаќаат по 400 евра,  а на дисперзираните студии партицијата е 100 евра.

Надлежните очекуваат и во новата академска година младите се повеќе да се одлучуваат да студираат на техничките и природно математичките факултети. Според податоците на министерството за образование и наука изминативе години за над 10 проценти е зголемен  бројот на студенти кои се запишеле на техничките факултети од каде посочуваат дека тоа е позитивно и за општеството и за економијата на земјава, бидејќи токму кадрите кои излегуваат од овие факултети се конурентни на пазарот на трудот и во странство.

Вероника Мароска-Леова