За новогодишната трпеза „јадеме“ третина од платата

Почнува предновогодишната еуфорија. Полните трговски центри и супермаркетите полека навестуваат дека пристигнува најлудата ноќ во годината. Таа најмногу ќе удри на паричниците кои претпразнично ќе се истенчат за да се подготват за дочекот на Новата година.

Според македонската традиција, секој според длабочината на својот џеб ги слави божиќните и новогодишните празници. Скоро во секој дом се подготвува богата празнична трпеза, пакетчиња за децата и подароци за најблиските.
Со денешново темпо на живот кога се купува сѐ и сешто, крајната годишна сметка во повеќето семејства е поголема од буџетот на нивните приходи.

Според податоците од Државниот завод за статистика, просечната месечна плата исплатена во Македонија во октомври изнесувала 23.229 денари, тоа значи дека практично една третина од платата оди за новогодишната трпеза.
Тоа посебно важи за оние што подготвуваат мрсна трпеза и која во просек чини од 7.000 до 10.000 денари, додека оние што постат од куќниот буџет издвојуваат од 3.000 до 5.000 денари.

На македонската мрсна трпеза има месо, сирење, сувомесни производи, слатки, додека на посната трпеза има риба, зеленчук, овошје и посни колачи.

Јануари е најтежок месец за просечно македонско семејство, па така голем дел од домаќинките уште во декември се прашуваат како да ги распределат трошоците.
Александра Делова од Скопје вели дека трошоците за Нова година и Божиќ зависат од тоа колку секое домаќинство има да потроши.

– Ќе купиме околу пет килограми месо, тоа ќе нѐ чини околу 1.500 денари. Не е Нова година ако нема руска салата, а за да се приготви потребни се околу 700-800 денари. Освен свинско, ќе купиме и пилешко месо, кое ќе не чини околу 900 денари. Овошјето и зеленчукот од 200 до 300 денари, а голем трошок се и пијалаците, од вино, ракија, сокови и пиво – вели Делова.
Неизоставен дел од репертоарот од новогодишната трпеза е и сармата за која се потребни околу 500 денари, што подразбира кисела зелка и мелено месо.

– Две шишиња вино, пак, чинат од 500 до 1.000 денари, а шише жесток алкохол чини од 300, па до неколку илјади денари, во зависност од видот на алкохолот. Тортите и колачите се задолжителни, а за да ги подготвите или да купите ќе треба да потрошите до 1.000 денари – покажува пресметката на Делова.

Тука е и предјадењето кое опфаќа кулен, чајна, сирење, кашкавал, што ќе ве чини дополнителни 800-900 денари.
Кога сето ова ќе го пресметате, произлегува дека ќе ви требаат 10.000 денари.
Но таа вели дека без помошта од семејството, пред сѐ од родителите, тешко може да се спои крај со крај.

Имајќи ја предвид и малата куповна моќ на граѓаните, трговците овие денови покрај снижувањата, на потрошувачите им понудија и примамливи понуди за одложено плаќање, со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните кои ги чека месецот јануари.
Според пресметките на супермаркетите, просечните дневни сметки на граѓаните во предновогодишните празници се минимум 5.000 денари. Велат дека најмногу работа имаат пред Нова година, од 20 декември, па сѐ до последен момент, а во викендот пред празникот секогаш има најмногу метежи.

Но, и покрај попустите и акциите на супермаркетите, како резултат на зголемената потрошувачка секоја година пред Нова година цената на прехранбените производи во просек растат за околу 30 проценти.

Месо (цена по килограм)
Свинско 200-350 денари
Пилешко 100 до 250 денари
Телешко од 300 до 600 денари
Јагнешко од 350 до 450 денари

Риба (цена по килограм)
Пастрмка од 300 денари
Лосос 700 денари
Ципура 400 денари
Лаврак 450 денари

Суво овошје
Смокви 50 денари
Урми 40 денари
Кајсии 100 денари

Алкохол
Цена по парче
Пиво 30 до 150 денари
Вино од 200 денари па нагоре
Жесток пијалак од 250 па нагоре