Захарова: Русија не се мешаше во внатрешните работи на Македонија

Без оглед на обвинувањата на американските претставници на сметка на Русија, Москва не се мешаше во внатрешните работи на Македонија, туку тоа го стори Вашингтон,  изјавила на редовниот брифинг за новинарите портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

-Повторно се слушаат обвивувања на сметка на Москва за мешање во внатрешните процеси во Македонија. Она што Метју Палмер го кажа во Скопје,  за вмешаноста на Русија е смешно. Би сакале да потсетиме дека на 19 октомври, САД, а не Русија, со помош на нечесни методи, уцени, закани и поткупување на пратеници, ја протуркаа во македонското собрание одлуката за почеток на постапката за измена на Уставот на Македонија. Американскиот амбасадор во Скопје беше во зградата на Собранието и управуваше со овие процеси, рече Захарова, пренесува Спутник.

Таа истакна дека против Преспанскиот договор не е Русија, туку самите македонски гласачи кои го покажаа својот став на референдумот на 30-ти септември.

Високиот американски официјален претставник, Метју Палмер, ја искритикува претходно Русија за наводно мешање во процесите во Македонија и апелираше до владејачкото мнозинство во Собранието да ги усвои уставните измени, нарекувајќи ја оваа можност единствена, која нема да се повтори-информира Спутник Србија.