Заев на средба со новата пратеничка група за уставните амандмани

Новата независна пратеничка група формирана од осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ кои гласаа „за“ пристапување кон уставни измени, денеска ќе имаат средба со премиерот Зоран Заев и министрите за надворешни работи и за правда, Никола Димитров и Рената Тренеска Дескоска, на која ќе се разговара за нацрт-амандманите на Уставот што Владата треба да ги достави до Собранието.

Пратениците ја потврдија средбата и посочија дека ќе се разговара за уставните амандмани во согласност со нивните барања за зајакнување на идентитетот, за одложена примена на името Република Северна Македонија по влезот на ЕУ и за ништовност на уставните измени доколку Грција не ја ратификува спогодбата.
Во Собранието до пладне не беа пристигнати нацрт-амандманите за уставните измени и нема официјални најави кога би можело да се случи тоа. Претпоставките се дека ќе се чека исходот од разговите со новата пратеничка група. Владејачките партии очекуваа разговори и со опозициската ВМРО-ДПМНЕ но тоа, барем официјално, не се случи. Петнаесетдневниот рок за доставување на нацрт амандманите истекува во петок.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на редовната понеделничка координативна средба ги информирал координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на Собранието дека е формирана нова пратеничката група. Координатор на Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ е Елизабета Канческа Милевска, пратеник и поранешен министер за култура.
Иако беше најавен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во Парламентот се уште не е доставен ниту Предлог-законот за амнестија.
Во Комисијата за финансирање и буџет, пак, започна расправата за ребачансот на Буџетот.