Жерновски на „2018 ОБСЕ Медитеранска Конференција” во Шпанија

Владата работи посветено на развојот на енергетскиот сектор, а за тоа говорат бројните реформски процеси кои се одвиваат на овој план. Донесениот Закон за енергетика кој е усогласен со европските директиви, покрај низата предности кои ги нуди овозможува стимулирање на употребата на обновливите извори на енергија како и низа можности за македонските енергетски компании, што ќе ги направат конкурентни на светскиот пазар и во новата енергетска транзиција.

Ова го порача заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски во обраќањето на панелот на тема „Енергијата како предуслов за економски равој и соработка во Медитеранот”, кој се одржа во рамки на „2018 ОБСЕ Медитеранска Конференција” во Шпанија.

Во разговор со министрите за надворешни работи на Словачка и Шпанија, Мирослав Лајчак и Џозеп Борел Фонтелес, како и со генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер беше истакнато дека процесите за интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО бележат динамичен и видлив напредок, а резултираа со започнувањето на скрининг процесот со ЕУ минатиот месец, како и стартот на пристапните преговори со НАТО минатата седмица, соопшти МНР.

На маргините на Конференцијата, Жерновски оствари билатерални средби замениците министри за навдворешни работи на Шпанија, Грција и Романија, Марзо, Квик и Камба како и со државните секретари за надворешни работи на Италија и Црна Гора, Пики и Јанковиќ.

На средбите, соговорниците беа запознаени со актуелната состојба во Република Македонија.

Од страна на сите соговорници, без исклучок, беа упатени честитки за успешното гласање во Собранието на Република Македонија, при што беше оценето дека сегашните позитивни поместувања во земкјава претставуваат силен исчекор за евроатлантската интеграција на земјата.

– Една од одговорностите на политичарот е да се издигне над партиските интереси и да работи за интересите на граѓаните, нагласи Жерновски на средбите, надополнувајќи дека можноста да придонесуваш во овој проект со кој се обезбедува спокојна и просперитетна иднина за сегашните и идни поколенија е безусловна мотивација.

Соговорниците упатија уверување дека ќе останат силни партнери на Република Македонија и ќе се залагаат за финализирање на нејзиниот евроатлантски процес.