ЕУ бара начин да се рестартираат преговорите меѓу Израел и Палестина


Министрите за надворешни работи на Европската Унија денеска во Брисел одржаа заеднички состанок со нивните колеги од Лигата на арапски држави (ЛАД) за да најдат начин да се рестартираат преговорите помеѓу Израел и Палестина.

Високата преставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, повтори дека ставот на ЕУ останува мировниот процес на Блискиот исток да доведе до две држави со заедничка престолнина, Ерусалим. ЕУ и натаму не ја поддржува американската одлука да се премести израелската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.

– Од нас секогаш се бараше да одриграме улога, а не само да ги плаќаме сметките, изјави Могерини на прес конференцијата по завршувањето на состанокот. Таа додека дека ЕУ ќе се фокусира на тоа да го напредне мировниот процес.

– ЕУ секогаш била јасна: две држави со Ерусалим како заедничка престолнина е единственото можно решение за гарантирање долготраен мир, изјави Могерини.

Европската преставничка изрази загриженост дека состојбата на Блискиот Исток може да се влоши.

– Загрижени сме дека секој погрешен чекор за Ерусалим може да значи радикализација на позициите и да го затвори просторот за оние кои сакаат да живеат безбедно, едни со други и би можел да го претвори овој политички конфликт во религиозен конфликт, што е многу поголема закана, изјави Федерика Могерини.

Европската Унија и Лигата на Арапски Држави разговарале и за начините да се рефинансира UNRWA, агенцијата на ОН за палестинските бегалци, откако американската администрација одлучи да ја повелече својата финансиска поддршка.