Етиопските Евреи се закануваат со масовен штрајк со глад
Претставниците на 8.000 етиопски Евреи денеска најавија дека ќе стапат во масовен штрајк со глад доколку Израел го укине финансирањето на нивното спојување со семејствата во таа земја.
Стотици Евреи се собраа во синагога во Адис Абеба за да изразат загриженост, бидејќи во предлог-буџетот на Израел не е предвидено финансирање на спојувањето на нивните семејства со нивните роднини од Израел.
Повеќето од 8.000 Евреи во Етиопија имаат роднини во Израел со кои не се виделе со децении.
Според шефот на заедницата на Евреите во Етиопија Мелес Сидисто, еврејската заедница ќе стапи во масовен штрајк со глад доколку Израел не им излезе во пресрет на нивните барања.
Активистите велат дека израелската Влада во 2015 година ветила дека ќе ги доведе преостанатите етиопски Евреи во Израел. Во 1991 година, додека во Етиопија беснееше војна, Израел ја изврши драматичната операција Соломон, успешно пренесувајќи со авиони околу 14.500 етиопски Евреи за помалку од два дена.