Ердоган го одбра Сараево пред Скопје
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се сети како да ги заобиколи европските држави што му забрануваат собири во нивните земји. Идната недела ќе ги собере турските иселеници од цела Европа, а за локација го одбра Сараево. Иако во Босна и Херцеговина не живеат голем број Турци, наклонетоста на поголемиот број од муслиманското население му ги отвори ширум вратите на популарниот „султан“, кој Европа го осудува поради кршењето на демократските права. БиХ, како и Македонија се двете земји каде што Ердогановата Партија на правдата и развојот (АКП) најави отворање филијали, поради што Скопје била една од опциите во плановите за одржување на големиот митинг, но, сепак, на крајот било одбрано Сараево.
Неизвесните претседателски избори најавени за 24 јуни идната година ја вжештија политичката сцена во 80-милионската Турција, бидејќи победникот ќе може да ужива во новите уставни промени, со кои се воведе претседателскиот систем, а „таткото на нацијата“ добива царски овластувања, одлучувачка моќ да менува и назначува министри, додека функцијата премиер се укинува. Уставната реформа, меѓу другото, ќе му дозволи на претседателот директно да интервенира во судството преку именување на судиите. Од тие причини, Ердоган не остава ништо на случајот и со сите сили се бори за секој глас во дома и во дијаспората, која, исто така, има право на излезе на избори. Имајќи предвид дека кампањата сѐ уште не е почната, се смислуваат разни начини како да се соберат потенцијалните гласачи. Обидите за собир во Германија, Австрија и во Холандија, каде што живее големо турско население, пропаднаа бидејќи тамошните власти не му даваат дозвола на „диктаторот“.
Таков исход го чека веројатно во која било земја од Европската Унија, поради што мораше да се сврти кон алтернативни решенија. Во игра беа неколку држави: БиХ, каде што живеат околу десет илјади Турци, но земја што се доживува како исклучителна блиска поради односите на двата народа или областа Санџак во Србија, каде што живее бошњачко население, а Ердоган има одлични односи со Александар Вучиќ. Во игра беа и Албанија, чие мнозинско население има симпатии кон Турција поради истата вера и на крајот, Македонија каде што живеат голем број Турци, а неодамна премиерот Зоран Заев и претседателот Ѓорѓе Иванов му беа на гости во Истанбул. На крајот, одлучено е митингот да се одржи на 20 мај во сараевската сала ‘Зетра’ и таа тој ден ќе биде центарот на турската дијаспора, имајќи предвид дека се чекаат голем број иселеници од цела Европа.
Ердоган, всушност, ќе биде гостин на годишното Собрание на малку познатата организација Унија на европските демократи на Турција и не дозволува собирот да се поврзува со претстојните претседателски избори. Напротив, фокусот е ставен на економските теми. Опозициските партии во БиХ го критикуваат доаѓањето на Ердоган со образложение дека го загрозува суверенитетот на нивната земја. Сепак, под притисок на Анкара, најголемиот противник на Ердоган, Фејтула Ѓулен, беше принуден да се повлече од своите активности во БиХ, каде што финансиски ја помагаше мрежата на образовни институции „Босна – Сема“.
На почетокот од годината, вториот човек на АКП, Мехди Екер, ги вброи Босна, Македонија, САД, Велика Британија, Русија и Германија како најважни центри во светот, поради што е нормално нивната партија да отвори свои претставништва.
Според познавачите на условите, иако во овој момент се чини дека позицијата на Ердоган е неприкосновена, можно е изборите да бидат неизвесни. Главно прашање е дали Ердоган ќе победи уште во првиот круг, иако последната анкета покажува дека има 46 отсто поддршка. Затоа турските власти отвораат центри во повеќе земји, каде што има значително турско малцинство, студенти од Турција, бизнисмени, воени лица, роднински поврзани лица… но го зголемуваат и притисокот врз локалните Турци. Пред некој ден турската амбасадорка во Македонија, Тулин Кара, изјави дека родителите чии деца учат во гимназијата „Јахја Кемал“ ризикуваат нивните чеда еден ден да станеле терористи.
Според законите во секоја земја, ниедна странска партија не може да отвори своја подружница во одредена држава, но може да се искористат други облици за дејствување. Движењето на Фејтула Ѓулен тоа го направи во Македонија со весник, образовни институции и компании. Но и нивниот простор овде е драстично лимитиран, па оваа празнина сака да ја пополни партијата на Ердоган и на свој начин да влијае врз политичките и економските текови во земјата. АКП во моментов има две свои претставништва: едно во Брисел и второто во турскиот дел на Северен Кипар.
Горан Адамовски