Евробарометар: 58 отсто од Македонците се за влез во ЕУ, Европејците – против

Повеќето од граѓани на Европската Унија (ЕУ) се противат на проширувањето на ЕУ со нови членки во наредните години, додека за членството во ЕУ кај земјите кандидати владее убеденост дека тоа ќе биде корисно за нив, е заклучокот од најновото истражување Евробарометар, спроведено од Европската комисија.

Истражувањето, во кое беа вклучени петте земји кандидати за членство во ЕУ, покажа дека во Македонија поддршката за влез во ЕУ е 58 отсто, а кај Турците овој процент изнесува 35.

Четириесет и пет отсто од граѓаните на Црна Гора сметаат дека членството во ЕУ е добро за нивната земја.

Во Србија 42 отсто од граѓаните го поддржуваат членството во ЕУ, 22 сметаат дека тоа нема да донесе ништо добро, додека 28 проценти сметаат дека тоа не е добро за Србија.

Во Албанија дури 93 проценти од испитаниците изјавиле дека членството би било добро, а само еден отсто биле со негативен став.

Меѓутоа, во самата ЕУ, поддршка за проширување со нови земји членки даваат 43 отсто од граѓаните, додека 45 отсто се против.