Другите да почнат бизнис, а за нашите државна работа

Поддршка на домашните претпријатија, раст на продуктивноста и долгорочни инвестиции – беа трите компоненти во програмата на СДСМ додека беше во опозиција со кои планираше да им обезбеди пристојна работа на граѓаните во земјата. За последната година од мандатот беа ветени 50 милиони евра државна поддршка за поттик на домашните фирми. „Започни сопствен бизнис“, беше една од идеите за намалување на големиот интерес за вработување во државната администрација. Друга важна алатка во борбата против невработеноста беше поддршката на нови инвестиции и полесен пристап до Фондот за иновации. Речиси две години подоцна, изгледа дека последното ветување е единственото што е исполнето.

Листата на вработувања во државната администрација станува невозможно да се следи, покрај аферите поврзани со давањето државна работа или тендери на ќерки, синови, сопруги, партнери, мајки и татковци на претставници на извршната власт. Да биде иронијата поголема, дури и во новоформираната Комисија за спречување на корупцијата, за член е избран баџанак на парламентарниот спикер, Талат Џафери. Оправдувањето дека биле сватови, а не роднини, не го покрива моралниот и етичкиот аспект на случајот.

Јас тука би играла по принцип на обратно докажување, односно тие што ги селектирале кандидатите и го извршиле изборот, треба да докажат зошто токму тоа лице, кое е во роднинска или некоја друга врска со функционер на власта, ја добило работата. Значи, селекторите треба да покажат на кој начин тој кандидат ја стекнал нивната доверба, односно дека бил многу подобар од неговите конкуренти за работното место. Не само да кажат дека ги исполнувал законските услови, затоа што тоа само по себе не е доволно. Условите можат да ги исполнат илјада кандидати“, вели професорката Мирјана Најчевска.

Министерката за правда Рената Дескоска вчера изјави дека нема формално прекршување на Законот со изборот на новите членови на Антикорупциската комисија.

Роднинските врски со овој степен не се опфатени. Но, и да беше така, нема никакво прекршување на законот“, смета Дескоска.

Според неа, Законот бил носен во транспарентна процедура во консултации со европските експерти, а селекцијата и изборот на кандидатите гарантирале транспарентен избор. Дескоска побара да се остави време на новиот состав на Антикорупциската комисија да почне да работи и од тоа ќе се цени дали бил направен вистинскиот избор. Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, пак, рече дека Нури Бајрами добил најмногу бодови од сите што оценувале, и од претставниците на власта и на опозицијата.

Во врска со случаите за вработување во администрацијата на блиски владини функционери, Манчевски рече дека сега е работа на Антикорупциската комисија да провери дали во новите вработувања има и непотизам и судир на интереси.

Од 2006 година беше забрането кој било со членска книшка на СДСМ да се вработи во јавен и во приватен сектор. Денеска е чудно што некој симпатизер на оваа власт се вработува во јавна институција. Не е во ред да се согласиме дека повторно тоа е проблем, а каде да одат овие луѓе? Имате два примери и 20 други каде што луѓето си наоѓаат работа по други линии“, објаснува Манчевски.

Професорката Најчевска се согласува дека Македонија е многу мала земја со малобројно население, но прашува што значи тоа од аспект на власта и управувањето со државата?

Според политичарите, тоа значи право да се вработат сите роднини и пријатели во некоја институција која се финансира од државата, со објаснување дека е ограничен изборот и дека секоја забрана на ова би значела дискриминација. Според логиката, ова значи: прво, намалување на сите државни структури до минимум бидејќи мала држава полесно се управува -најмногу 7 министерства, отфрлање на непотребниот институт претседател на државата, намалување на бројот на јавни претпријатија, регулаторни тела и слично, намалување на администрацијата на минимум, мал број на дипломатско-конзуларни претставништва во клучните држави од интерес и нивно екипирање за да можат да покријат поширок географски простор. Второ, искористување на целокупниот професионален капацитет до максимум (најдобрите кадри на правите позиции според многу прецизни обемни и објективни критериуми, а не интервјуа направени од групи дилетанти). Трето, разумна децентрализација (најмногу 20-30 општини кои ќе имаат и човечки и финансиски капацитети да ги извршуваат работите предвидени со законот). И четврто, најостро и ригидно казнување на секој облик на непотизам (било да е намерен или ненамерен)“, нагласува Најчевска.

Комисијата за спречување корупција, со Бајрами во својот состав, најдоцна утре треба да го одржи првиот состанок, по што треба да се фати за основната нејзина надлежност – да спречува корупција и судир на интереси и да одлучува дали има непотизам при вработувањата на блиски роднини на функционери на владејачките СДСМ, ДУИ и скопското крило на Беса. Токму кадарот на Африм Гаши, министерот за култура Асаф Адеми, последен го привлече гневот на јавноста и тоа не само поради контроверзниот конкурс, туку и поради вработувањето на неговата сестра во ЕЛЕМ. Државна работа добија и ќерката на Талат Џафери, сестрата на Крешник Бектеши, синот на Горан Мисовски, ќерката на Емилија Александрова…

Роднинските или пријателски врски со некој функционер мора да се проверуваат по службена должност“, заклучува професорката Мирјана Најчевска.

Горан Адамовски