Државните вработувања – изборен поткуп или нужна потреба?

Предизборните огласи за вработување во државните институции и примањето сестри, сопруги, братучетки и други роднини на високи функционери, кои ќе примаат плата од државниот буџет, ќе бидат првиот тест за новиот состав на Антикорупциската комисијата. Минатиот состав редовно ги одбиваше приговорите што ги доставуваше СДСМ како опозиција обвинувајќи за незаконски вработувања пред изборите. Новите членови сега ќе имаат многу работа да ги проверат сите огласи што секојдневно се појавуваат во весниците и на веб-страницата на Агенцијата за администрација. Се вработува во општините Прилеп, Пробиштип, Новаци, Кавадарци, Желино, во Државниот пазарен инспекторат, во Комисијата за хартии од вредност, во училишта и јавни претпријатија, а платите се движат од 20.000 до над 60.000 денари во зависност од работното место што се бара.

Масовните вработувања во институциите почнаа пред новогодишните празници и продолжија до петокот, кога претседателот на Собранието Талат Џафери ги распиша претседателските избори. Огласите за вработување сега треба да застанат бидејќи од распишување на изборите до денот кога граѓаните ќе го изберат идниот претседател не може да се започне постапка за вработување или за престанок на работен однос во државни и јавни институции, така што започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи. Генералниот секретар на Антикорупциската комисија Розета Трајан вели дека ќе се следат и мониторираат сите огласи за вработување и дека институциите треба најмногу да внимаваат за време на изборната кампања, која треба да почне на почетокот на април и е „најцрвениот“ период. Во овој период, од распишувањето на изборите, огласите за вработување се ставаат во мирување. Според Трајан, тоа значи дека Агенцијата за администрација ако распишала оглас ќе ги собере сите апликации и ќе го запре процесот. Дури кога ќе завршат изборите, на 6 мај, Агенцијата има право да направи селекција, по што доаѓаат другите фази на процесот за вработување. Единствено во предизбориете може да се вработува по Закон за вработени во јавен сектор, а огласот и целата постапка и вработување течат по Закон за работни односи.

„Во тој случај треба да се донесе одлука за потреба од вработување. Исто така, за да ја спроведеш постапката за време на избори треба да е од нужен и битен карактер. Тоа треба како институција да го докажеш пред Антикорупциската комисија. Ако е предвидено во план и програма, ако се обезбедени финансиски средства, ако станува збор за испразнети места, ако станува збор за вработување во МВР, не може да се ограничат. Да бидеме чесни, сите власти кога има ваков изборен период гледаат да ги пополнат сите испразнети места што можат“, вели Трајан.

Под превезот на итни и неодложни вработувања во минатото се вршеа најголеми манипулации и злоупотреби. Предизборните вработувања, кои беа пракса на минатата власт, ги продолжи и оваа владејачка гарнитура пред првите избори во нејзин мандат. Според неофицијалните бројки, пред парламентарните избори во 2016 година имало 3.500 вработувања, кои секако не биле итни и неодложни. Тогашната власт, сега од другата страна, обвинува дека со новите вработувања власта сака да ги „вдоми“ партиските послушници.

„Власта врши чиста изборна корупција и поткуп на гласачи“, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски. СДСМ ветуваа еднаков пристап на секој граѓанин до секое работно место, за сега да гледаме како администрацијата се полни со партиски лица од СДСМ, а граѓаните не можат ни да замислат да бидат примени на некое работно место бидејќи однапред знаат дека тоа е наменето само за децата на функционерите од СДСМ“, обвинуваат од ВМРО – ДПМНЕ.

Канцероген непотизам
Комисијата, чија основна надлежност е да спречува корупција и судир на интереси и да одлучува дали има непотизам при вработувањата на блиски роднини на функционери на владејачката коалиција СДСМ и ДУИ, во своите редови избра член, баџанак на собранискиот спикер Талат Џафери. Антикорупциската комисија ќе има многу работа за да ги расчисти сите семејни вработувања. Последен на мета е актуелниот министер за култура Асаф Адеми, чија сестра е вработена во ЕЛЕМ. Освен неговата сестра, во ЕЛЕМ е вработена и ќерката на Талат Џафери, синот на поранешниот премиер Владо Бучковски и сестрата на министерот Крешник Бектеши во МЕПСО, а синот на Љубомир Фрчковски е поставен за помошник-директор во ПУИК. Во Агенцијата за супервизија вработен е и синот на пратеникот Горан Мисовски. Новите членови на Комисијата неделава, утре или в среда, треба да го имаат првиот колегиум на кој се очекува да го кажат својот став за изборниот процес и за фамилијарните вработувања.

Фросина Факова – Сеарфиновиќ