Драма околу нашите преговори со ЕУ: Датумот висеше на конец, сега виси и референдумот

Датумот за Македонија вчера висеше на конец поради Франција, Холандија и Данска. Сепак, министрите на ЕУ донесоа одлука за условно отворање на преговори со Македонија во јуни 2019 година. Тоа значи дека Македонија тогаш може да добие преговори ако исполни четири услови: спроведување на Итните реформски приоритети, спроведување на договорот за името, позитивен извештај на Европската Комисија и одлука на Советот на ЕУ. Доколку се исполнат условите првата меѓувладина конференција би почнала пред крајот на 2019 година.

Пред да се донесе одлуката во Брисел се одвиваше вистинска драма поради противењето на трите земји и притисоците што од сите страни се упатуваа на нивна адреса, во смисла ако извиси Македонија тоа ќе биде крај на договорот со Грција и ќе резултира со можна дестабилизација на земјата.
„Вкупно 25 земји-членки се подготвени ЕУ да отпочне пристапни преговорите со Македонија и со Албанија, од сега па до летото 2019 година, додека три земји, Данска, Франција и Холандија, се залагаат процесот да се одложи“, изјави грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, излегувајќи од Советот за општи работи во Луксембург. Коѕијас им објаснил на колегите, како што рече, на најјасен начин дека геополитичката ситуација во регионот бара помош за овие две земји, а не одложување, и дека внатрешната ситуација во двете земји бара стабилност и безбедност, а не создавање нови проблеми.

„За нас е важно да го направиме тоа со сегашната Комисија, која добро ја познава ситуацијата и проблемите“, рече тој. Коѕијас подвлече дека со популизмот, од кој стравуваат некои земји, не може да се бори со чекори наназад. Тој, како што рече, го разбира приоритетот даден од страна на некои земји за продлабочување внатре на Унијата, но продлабочувањето може да се направи заедно со проширувањето.
Германскиот министер за Европа, Михаел Рот, нешто подоцна излезе лут од состанокот и им довикна на новинарите дека дискусијата за Македонија била „многу разочарувачка“, но одби да каже зошто. Сите опции, според информациите од Брисел, биле на маса, при што Франција одбивала секакво споменување на датум во заклучоците.

„Македонија треба да биде наградена од ЕУ за напредокот и за договорот со Грција со кој се става крај на 27-годишниот спор за името. Ако не добие награда на конкретен начин тоа ќе има огромен негативен ефект за целиот регион“, предупредуваше еврокомесарот Јоханес Хан.
„Мислам дека сите треба да бидат свесни за тоа и се надевам дека на крајот ќе сфатат колку е важно да се испрати позитивен сигнал за регионот“, изјави Хан.

„Постигнавме многу и ако ги погледнете резултатите само од последните неколку месеци ќе видите дека тоа е резултат на европската перспектива. Не би можел да разберам ако тоа не биде препознаено, разбрано и наградено на соодветен начин“, рече Јоханес Хан, на кој со негативна одлука за Македонија ќе му се одземеа инструментите да води политика кон регионот.

Шефот на дипломатијата на Луксембург, Жан Аселборн, сметаше, исто така, дека неодредување датум за преговори за Македонија и Албанија ќе биде политичка грешка. Најсилно во одбрана на датумот застана Германија. Министерот за Рот изјави пред почетокот на состанокот дека Берлин е подготвен да даде зелено светло за почеток на преговорите со Македонија и Албанија.

„Високо ги цениме напорите што ги преземаат и Македонија и Албанија за зајакнување на владеењето на правото, независно судство, борбата против корупцијата“, рече Рот. Изненадувачко беше што и холандскиот министер Стеф Блок, кој застана зад Франција и Данска во Советот, пред состанокот имаше друго мислење. Тој изрази надеж дека ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите со Македонија и Албанија. Сепак, додаде дека за неговата е земја е важно да види доказ дека реформите се имплементираат на одржлив начин и дека за тоа е потребно време.
„Се надевам дека ќе можеме да донесеме одлука за почеток на преговорите со двете земји. Двете направија важен напредок, поврзан со владеењето на правото и борбата против корупцијата, но во исто време се уште не се стигнати до целта. Секоја земја има свои постигнувања, но многу е важно земјите да покажат резултати во овие полиња“ изјави Стеф Блок.

Пред состанокот интервенираше со изјава и премиерот Зоран Заев, за да ги потсети министрите колку е големо постигнувањето на Макеоднија.
„Македонија не само што испорача успех и пријателство, таа испорача и модел за решавање на тридецениски спорови. Македонија е модел кој може да се практикува. Не се сомневам, знам, дека ќе испорачаат охрабрувачка порака. Тие се должни за тоа“, нагласи Заев.
Париз и Амстердам се плашат дека каков било почеток на преговори со нови земји кандидати би имал негативен ефект врз нивната домашна јавност, па затоа сакаат стартот на преговори со Скопје и Тирана да се одложи по европските избори на пролет 2019. И покрај многу позитивниот развој околу спорот за името Хаг смета дека Македонија сѐ уште не ги исполнува двата основни критериуми за почеток на преговорите, кои се поврзани со примена на владеењето на правото во земјата и на административниот капацитет.

„Не можеме да ги затвориме очите само поради тоа што е постигнат договор“, изјави неименуван дипломатот од Холандија истакнувајќи дека процесот мора да се почитува. Доколку се постигне напредок во наредните месеци, следната година процесот на пристапување би можел да биде лансиран од Холанѓаните, најавил тој. (С.Ј.)
Заев и Курц со апел до Макрон

Премиерот Зоран Заев и неговиот австриски колега Себастијан Курц го повикаа претседателот на Франција, Емануел Макрон, да не се противи на отварањето на пристапните преговори за Македонија. Курц на заедничката прес-конференција во Виена изрази надеж дека претседателот на Франција ќе донесе проевропско решение. Како што објасни, не станува збор за пристапување кон ЕУ, туку за отварање пристапни преговори, нешто што Македонија го заслужува. Блокадата, според Курц, би имала последици врз референдумот за решавањето на спорот со името и би влијаела негативно на целиот регион. Во обраќањето Курц веќе го искористи името „Северна Македонија“.
Премиерот Заев рече дека ја разбира внатрешната дебата во Франција, како и дебатата која постои во цела Европа, но и дека го поддржува развојот и реформирањето на ЕУ додавајќи дека Македонија не бара да биде примена веднаш во Унијата. Отварањето на преговорите, според Заев, ќе ја зголеми мотивацијата за продолжувањето на реформите во Македонија.

Флоријан Бибер: Франција е нова Грција за Македонија

Евентуалното вето од Франција за почеток на преговорите со Македонија ќе го загрози договорот со Грција и ќе ги минира реформските напори на земјите од регионот, оцени и австрискиот аналитичар Флоријан Бибер.
„Тоа ќе биде удар за реформската политика на Балканот. Франција ќе стане новата Грција за Македонија, која и натаму ќе биде спречена да се приклучи кон ЕУ и НАТО“, вели Бибер во изјава за австрискиот весник „Стандард“. Одбивањето на ЕУ да отвори преговори за членство на Македонија, наведува Бибер, би значело и „речиси смртна казна за компромисот за името меѓу Скопје и Атина“.
„Таквата француска политика би имала далекусежни последици. Во Македонија наесен е планиран референдум за договорот со Грција. Тешко е да се замисли дека ќе излезе добро ако договорот не е награден од ЕУ. Тоа ќе ѝ даде шанса на македонската конзервативна опозиција да се мобилизира против одобрувањето на компромисот за името“, вели Бибер.