Драгољуб Петровиќ за „Независен“: „Македонско сценарио“ е филм за српските гласачи

На т.н. „македонско сценарио“ тука се гледа како на бауч, како на некакво тајно друштво кое се собрало во Скопје и кое тукутака урива легитимно избрани шефови на држави по светот. Тоа е типично заглупавување на избирачкото тело, вели во разговор за „Независен весник“ угледниот српски новинар и главен и одговорен уредник на весникот „Данас“, Драгољуб Петровиќ, кого македонската јавност може да го следи и во емисијата ПЛЈИЖ на телевизијата N1, во која заедно со Мичко Петровиќ и Војо Жанетиќ на ироничен начин прават извонредна вивисекција на владеењето на актуелната власт и воопшто на политичко-ментална состојба на српското општество.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата структура подолго време ја споменуваат Македонија во негативен контекст, уште од периодот кога тука се одржуваа протестите против претходната власт. Острите напади кулминираа по саботниот упад на српската опозиција во зградата на Радио-телевизија Србија (РТС), кога најпрвин српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ порача на вонредна прес-конференција дека демонстрантите одат по „македонско сценарио“. Серијата обвинувања ја продолжи Вучиќ, кој ги спомена предводниците на протестите Драган Ѓилас и Вук Јеремиќ како големи пријатели на македонскиот премиер Зоран Заев.Советникот на Заев, Зоран Башановиќ, пак, го нарече криминалец протеран од Белград, кој крадел гаќи од трговски центар во САД.
„Политиката на македонскиот експремиер Никола Груевски беше слична на онаа на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој е автократ. Тој не отстапува од тоа да ги убеди своите гласачи дека против него и Србија се свртеле старите служби, дека се коваат светски завери. Најпрвин дел од неговиот вокабулар беше „украинското сценарио“, а кога се смени власта во Македонија, ја смени плочата и прејде на ‘македонско сценарио’“, вели Петровиќ.
Протестите „1 од 5 милиони“ се организираат веќе три месеци во речиси сите градови на Србија. Граѓаните се собираат на демонстрациите пред сè да изразат незадоволство од катастрофалното владеење на Вучиќ, но со јасна свест дека „напредњачката“ власт е само најрадикален изданок на една автократска традиција која би можела да продолжи и по падот на Вучиќ. На граѓаните, велат, им е доста од партиски држави, политички олигархии која целата држава ја претвораат во приватна сопственост, нефункционални институции, неслободни медиуми.
Протестите деновиве доживеаја своевидна радикализација. Опозицијата излезе од сенка и ги презеде, а како лидер се наметна Бошко Обрадовиќ – српскиот пратеник на клерикално конзервативната партија, кој се доживува како најпроблематичниот лидер во Сојузот за Србија каде што партиципираат партии со сосема различна идеолошка компонента. Создава ли тоа проблем во артикулацијата на сериозна политичка платформа, околу која помасовно би се обединеле граѓаните?
„Упадот во РТС е предизвикан од срамното известување на тој јавен сервис, кој 100 дена од почетокот на протестот не повика никој од лидерите на граѓанскиот бунт, без разлика дали е политичар или некој друг, во емисиите да зборува на таа тема. Радикализацијата на протестите најпрвин доведе до тоа посилно да одекне во светот она што моментно се случува во Србија, која деновиве е во фокусот на сите светски медиуми. Можеби сега западните земји ќе го променат својот став во однос на овдешните реални состојби“, вели Петровиќ.
Србија, потсетува тој, веќе има искуство со политички сојузи кои се карактеризираат со идеолошки диверзитет.
„И пред 20 години кога се организираа демонстрации против режимот на Слободан Милошевиќ меѓусебна соработка остварија Демократската партија на Зоран Ѓинѓиќ, Српски покрет за обнова на Вук Драшковиќ, кој беше десно ориентиран, потоа Граѓански сојуз кој имаше анационално и либерално определување… И сега партиите со различна идеолошка ориентација се обединија во Сојуз за Србија со една цел – да го симнат Александар Вучиќ од власта. Додека се во опозиција тие ќе немаат проблем, но сериозни проблеми меѓу нив ќе се јават доколку дојдат на власт, кога ќе треба да формираат заедничка политичка платформа со крајно различни ставови по одредени прашања“, оценува Петровиќ.
Обрадовиќ неодамна, по повод 20 годишнината од движењето Двери, изјави дека нивната главна победа е што идејата на светосавскиот национализам успеала да опстане (по повеќегодишното претопување во југословенството и комунизмот) и дека нема да отстапи од големосрпската идеја.
„Меѓу говорниците на белградските протести немаше политичари. Последните неколку денови тие се качија на бината. Можно е некој од учесниците да се почувствува злоупотребен од некој од лидерите, па и од Бошко Обрадовиќ, кој со упадот во РТС исплива како лидер. Но, она што со години се покажува во Србија е дека, за жал, лидерите што имаат посилна национална компонента во своето дејствување се попопуларни отколку оние што се граѓански ориентирани. Протестите мислам дека ќе добиваат на интензитет, но нејасно е што може да изродат во блиска иднина тие“, вели Петровиќ.
Косово е една од темите околу која се кршат копјата меѓу власта и опозицијата. Власта обвинува дека опозицијата соработува со Приштина, опозицијата обвинува дека таа ќе го предаде Косово. Вучиќ на прес-конференцијата по упадот во РТС изјави дека мислел дека Харадинај се шегува кога рекол дека ќе го сруши од власта, а сега видел дека има сериозни соработници.
„Додека беше во опозиција, Вучиќ тврдеше дека ќе ги раскине сите договори за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово. Но, потоа, како прв потпретседател на владата го натера тогашниот премиер Ивица Дачиќ да го потпише Бриселскиот договор, кој не се почитува од косовската страна, а Србија се согласи на влез на српското население во правниот систем на Косово. Без оглед што балансира и кокетира и со Русија, Вучиќ му има ветено на Западот дека ќе го реши косовското прашање. Проблемот е само како тоа да се прикаже пред јавноста. Меѓународната заедница е свесна за тоа. Не би тврдел дека преговорите околу ова прашање полесно би им оделе со сегашната опозиција, со оглед на ставовите на одредени нејзини лидери. Но, она што е јасно е дека Вучиќ се плаши од етикетата предавник бидејќи реално за Србија во моментов нема добро решение“, вели Петровиќ.

Наум Котевски