Дополнителни илјадници евра за двајцата плус во Антикорупциска

Дополнителните двајца членови во идната Антикорупциска комисија ќе ја чинат државата близу 160.000 евра, односно 78.000 евра по член. Ова се груби пресметки ако се земе предвид дека со новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси е предвидено претседателот на Комисијата да зема плата колку потпретседателот на Собранието или околу 1.500 евра, а членовите да земаат плата колку пратениците, или околу 1.300 евра. Ако претходно антикорупционерите земаа две и пол просечни плати, новиот Закон предвидува тие да земаат три и пол просечни плати. Сумата сепак зависи од висината на просечната плата во државата која на годишно ниво изнесува околу 23.000 денари, а моментално е околу 24.817 денари.

Пресметките покажуваат дека на дополнителните двајца членови за пет години, колку што им е мандатот, ќе им бидат исплатени плати вкупно по 78.000 евра.

Иако согласно препораките на ГРЕКО бројот на членовите на Антикорупциската комисија требаше да се намали од седум на пет, сепак со новото законско решение што завчера беше изгласано во Собранието Комисијата ќе има претседател и шест членови. Според неофицијалните информации на вакво решение инсистирале од ДУИ бидејќи во концептот со седум члена загарантирани се две места (а не едно) за членови од албанската етничка заедница.Оние кои го следат патот на законското решение коментираат дека тие пари со коишто би се плаќале дополнителните членови би можеле да се вложат за други работи во функционирањето на Антикорупциската комисија, а прашање е каква вредност би имале овие двајца членови што не можат да ја имаат петте члена.

Антикорупциската комисија во Македонија не функционира од март минатата години или речиси една година нема кој да ја лови корупцијата. Комисијата се распадна по објавувањето на ревизорскиот извештај за финаниското работење на Антикорупциска. Ревизорите нотираа сериозни сомневања за малверзациите од страна на членовите, како фалсификувани сметки, лажни патни налози и нереални суми за изнајмување на станови во Скопје. Тогаш петмина од нејзините седум членови си поднесоа оставки, меѓу кои и тогашниот претседател Игор Тантуровски.

Законот, за чие усвојување беше потребно двотретински мнозинство, е донесен откако владејачкото мнозинство и опозицијата постигнаа согласност околу него, а власта прифати 20 од 40 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ. Новото законско решение доби поддршка од 81 пратеници.

Со прифатените амандмани нема промени во проширената надлежност на комисијата, на која инсистираше власта, но сепак се прават измени во однос на начинот како се пријавува незаконско финансирање на политичките партии и како се прави увид во сметките на носителите на јавни функции. ДКСК ќе има право на директен пристап до банкарските сметки и во над 60 други бази на податоци, но и тука власта прифати одредени измени во однос на првичното решение.

Со прифатените амандмани се измени дел од текстот на законот и сега новата антикорупциска ќе може да проверува сметки на политичари само доколку претходно отвори постапка и за тоа веднаш ги извести.Со првичниот предлог антикорупциска имаше можност тајно да ги проверува сметките на функционерите.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, организација која учествуваше во подготовката на Законот, вели дека со ова решение е малку стесната слободата на Комисијата.

„Во првичната верзија прво беше општо кажано дека Комисијата ќе има увид во банкарските сметки, а сега мора прво да се отвори постапка и веднаш да го известат лицето. Стравувањето за ова решение не е тоа дека тој може да интервенира во банкарските трансакции, меѓутоа тоа е сигнал дека има за него некој вид на сомневања, да прикрие некои други траги“, вели Филков.

Освен првиот состав на Антикорупциската комисија, другите состави на комисиите беа само продолжена рака на власта. Поранешниот претседател Горан Миленков ќе остане запаметен по изјавата дадена на прес-конференција по барањето на новинарите да изнесе податоци за имотната состојба на Никола Груевски. На претседателот на Антикорупциска тогаш не му беше јасно зошто новинарите се интересираат за имотот на Груевски, кога тој повеќе не е премиер и рече: „Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме за век и векови, амин“.

Сега новата комисија би требало да профункционира пред претстојните претседателски избори, чиј прв круг собранискиот спикер го најави за 21 април. Министерката за правда, Рената Дескоска при носењето на Законот порача дека не смее да ни се повтори праксата постапките да завршуваат во фиока на ДКСК и за таа цел се донесени рокови во кои таа мора да постапува.

Фросина Факова – Серафиновиќ