Градската куќа доцни, преселбата следната година

Еколошки мебел, лични тоалети со туш за градоначалникот и за претседателот на Советот, ВИП-влез за делегации, „океани“, сали за состаноци и кујни на секој кат… Тоа се дел од барањата на Градот Скопје за ентериерното уредување на новата градска куќа под Кале. Преселбата на вработените е планирана за идната година, иако градоначалникот Петре Шилегов најавуваше дека ќе се случи до Нова година. Во моментов во градската куќа привршуваат градежните работи во внатрешноста на објектот, а истовремено, Градот бара проектант што ќе изработи основен проект како ќе изгледа ентериерот.

„Градежните работи се во завршна фаза, а поради непредвидени работи рокот е пролонгиран до крајот на оваа година. Градот Скопје распиша јавен повик за ентериерно уредување на објектот, а по завршување на ова постапка ќе следуваат и тендери за внатрешно уредување, за мебел, опрема, како и за преселување на администрацијата“, велат од Градот, но чуваат во тајност колку пари планираат да потрошат за сето тоа.

Селењето, се надеваат, ќе се заврши до средината на следната година, доколку, како што велат, не се појават и други непредвидени работи.

Новиот објект има над 1.200 квадратни метри во основата и пет ката. Фасадата е направена во неокласичен стил, како дел од концептот Скопје 2014. На приземјето се предвидени три различни влезови, по еден за вработените и за посетителите, како и еден ВИП-влез за градоначалникот, претседателот на Советот и советниците, како и за странски и домашни делегации. Во приземјето на градската куќа треба да се уреди голема сала со шалтери во која граѓаните ќе имаат пристап до сите служби на Градот Скопје.

До четвртиот кат ќе бидат сместени сите служби во големи канцеларии од океански принцип, со посебни сали за состаноци за комисиите. За вработените на секој кат ќе треба да бидат уредени и чајни кујни. На најгорниот кат на градската куќа ќе бидат сместени градоначалникот и претседателот на Советот, а освен канцеларии тие мора да имаат и тоалети со туш-кабини. На истиот кат се сместени и салите за состаноци за 30 лица и за седници на Советот со капацитет за 150 лица. Во градската куќа ќе се сместат до 410 вработени во градската администрација.

„Проектантот што ќе го дизајнира ентериерот мора да води сметка материјалите што ќе ги предвиди за репрезентативниот објект да бидат еколошки“, велат од Градот Скопје.

Изградбата на градската куќа започна во 2011 година, а тогаш го доби и името „Мајка Тереза“. Во еден момент, кога беше завршена само фасадата, изградбата беше целосно запрена, а старото раководство објави дека во буџетот нема пари за да се доврши. Шилегов ја наследи со долг од пет милиони евра, колку што требаше да чини изградбата на внатрешноста. Пред неколку месеци градоначалникот информираше дека се договориле со изведувачот „Бетон“ цената да биде намалена на три милиони евра, а градежните работи да завршат до октомври годинава, три години подоцна од првиот утврден рок.

Сања Наумовска

Фото: Б. Грданоски