Гасовод да има, но не низ Водно


Екологистите не прифаќаат гасоводот да поминува низ Водно. Коалицијата „Го сакам Водно“ е против и скратување и изменување на трасата и инсистираат Владата да понуди алтернативен пат за делницата 5 која треба со гас да ја снабдува Северозападна Македонија.
Кажуваме силно да за гасовод, но не низ Водно. Владата вчера најави почнување на градежните работи по скратена траса. Но вистината е дека таа не е скратена, туку изменета за 4,3 километри, а на неа ќе се исече шума во должина на булеварот ‘Партизански одреди’ од Центар до Влае“, рече Андреа Јанков од „Го сакам Водно“.
Екологистите се сомневаат и во најавите дека ќе се намали ширината на целиот опсег од 25 на 10 метри бидејќи тоа е спротивно од стандардите за безбедност при градењето на вакви инфраструктурни објекти. Иако Владата најави дека за повторно пошумување на парк-шумата ќе бидат издвоени 700.000 евра, сепак, оваа траса ќе мора да остане гола за да се обезбеди пристап на возилата и да се избегне опасноста корењата на дрвјата да го оштетат гасоводот. Екологистите не се согласуваат и со навиката на Владата да ја потенцира улогата на оваа делница од гасоводот како клучна за да се подобри состојбата со загадувањето во главниот град.
Скопје нема да види никаков бенефит од магистралната делница, од причина што таа ќе треба да донесе гас за градовите во Западна Македонија. Скопје веќе 20 години има гас, но граѓаните немаат никаква корист од тоа бидејќи нема секундарна мрежа. Ваква мрежа нема ниту во Тетово, Гостивар и другите градови, што значи дека најмалку уште пет години жителите на овие градови ќе горат дрва и ќе загадуваат. Тоа е доволен период да се подготви алтернативна траса која нема да минува низ заштитено подрачје“, вели Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“.
Екологистите уште еднаш се повикаа на забелешките што Градот Скопје ги дал на студијата за оцена на влијанието врз животната средина, во која воопшто не е спомнато дека ќе се преземаат активности во заштитено подрачје. За нив е несоодветна изјавата дека барањето на алтернативна траса ќе трае пет и повеќе години и ќе чини над 20 милиони евра бидејќи досега, како што велат, не добиле ниту еден документ со кој се поткрепуваат овие тврдења.
Шилегов пред неколку месеци дал мислење дека студијата е стара и некомплетна, а сега си гази по сопствените зборови“, вели Стојановска и уште еднаш побара да се изработи нова и нагласи дека новата дозвола за градба, која ја изработува Министерството за транспорт веднаш ќе биде оспорена. Екологистите за случајот со изградба на гасовод по сртот на Водно ги известиле и меѓународните институции. Пред два дена Владата најави дека не се откажува од идејата магистралниот гасовод да поминува токму преку Водно. Според новиот проект, беше најавено дека трасата се намалува за 4 километри, а импактот врз животната средина би требало да се намали за 70 отсто. Од Владата и од Градот Скопје ветија дека ќе обезбедат 700.000 евра за повторно пошумување на парк-шумата.
Сања Наумовска