Време на промени – и во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, најави кадровски промени во својот кабинет, а неофицијално не се исклучува можноста и за реорганизација во владејачката партија. Неговиот главен опонент Христијан Мицкоски, пак, се враќа од самитот на ЕПП во Хелсинки со опомена поради досегашната неконструктивност во однос на спроведувањето на договорот од Преспа и кочењето на евроатлантските процеси на земјава – пораки што на самото место имаа можност да ги слушнат и дел од досега исклучените и разрешени функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Раздвижувањата во главните политички табори, според набљудувачите, се очекувани бидејќи централниот политички процес во изминатите месеци се движи кон своето финале, односно кон донесување на уставните измени согласно со договорот од Преспа. Но, и со оглед на процесите што следуваат, од аспект на зачленувањето на земјата во НАТО и очекуваниот датум за почеток на преговори со ЕУ, а во меѓувреме и одржувањето на редовните претседателски избори, чиј исход би требало да биде репер за расположението на граѓаните – безмалку две години по смената на власта во земјава. Во една неодамнешна изјава, Заев не исклучи и можност од спојување на претседателските со предвремени парламентарни избори, како што рече, доколку се појави потреба од тоа, иако нагласи дека е подготвен да го истера целиот мандат на „Илинденска“.
Во тој контекст се гледа и на најавата на премиерот за нови кадровски резови на „Илинденска“, додека е во тек и одредена реорганизација на СДСМ, која почна со формирање на Центарот за комуникации и избор на нов портпарол. Сепак, најавените кадровски промени кои „не се реконструкција“ засега се само во доменот на шпекулациите, додека извесна се чини единствено смената на вицепремиерот за Рамковниот договор, Хазби Лика од ДУИ, кој неколку месеци бил отсутен од Владата.
Со оглед на тоа што Заев изјави дека не размислува за реконструкција при вакви сериозни парламентарни процеси, во кругови на СДСМ не се исклучува можноста од поголеми промени откако уставните измени и донесувањето на уставниот закон ќе бидат завршена работа. Тоа, пак, според предвидените рокови би било во втората половина на јануари. Другата варијанта е кадровските промени да се одвиваат етапно, со поединечни разрешувања или оставки на дел од министрите. Притоа треба да се има предвид дека Заев, зборувајќи за претстојните промени, посочи дека некој треба да понесе политичка одговорност за слабата реализација на капиталните инвестиции, поради што и главно се наметна потреба од последниот ребаланс на буџетот.
Во однос на тековниот политички процес за спроведување на Преспанскиот договор и потресите што тој ги предизвика во опозицискиот табор, во наредниот период се очекува и одредено репозиционирање на ВМРО-ДПМНЕ. Особено по пораките што Мицкоски ги доби од европските десничари во Хелсинки, каде што, од друга страна, беа поканети и политичари кои не се моментно членови на партија, а со тоа не се ни дел од ЕПП – откако беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, како поранешниот министер за здравство Никола Тодоров или пратеничката Емилија Александрова.
Александар Кржаловски од МЦМС вели дека очекува процесите во ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период да се движат во две можни насоки: отворање внатрепартиски дијалог за консолидирање на партијата или повлекување иницијатива за вонреден конгрес. За да се превенира евентуално преиспитување на лидерството на Мицкоски, според Кржалоски, потребно е во партијата да се отвори расправа низ еден инклузивен процес кој ќе ги опфати сите струи и фракции.
-Исклучувањата и разрешувањата во ВМРО-ДПМНЕ не водат кон консолидација и помирување во партијата, туку кон нејзино понатамошно раслојување и создавање простор за формирање нови партии, вели Кржалоски.
За случувањата на маргините на конгресот во Хелсинки, во однос на пораките што беа испратени до двете паралелни делегации од земјава, Кржалоски вели дека тоа е знак дека, наместо најавите за можно исклучување на ВМРО-ДПМНЕ, ЕПП прави обид за консолидирање на својата сестринска партија во земјава. Тоа би се реализирало преку отворање внатрепартиски дијалог и покренување процеси за нејзина демократизација.
Според проценки на извори од ВМРО-ДПМНЕ, поочекувано сценарио се омекнување и преориентација на политиките на Мицкоски и на најтесното партиско раководство отколку свикување вонреден конгрес на партијата. Партискиот статут, како што се проценува, ја прави речиси неизводлива можноста за иницирање вонреден конгрес за евентуална лидерска смена, со оглед на тоа што постапката оди преку Централниот комитет, а за нејзино одобрување е потребно големо мнозинство. Затоа, пак, како што посочува, има механизми за враќање на исклучените во партијата, па и на разрешените на партиските функции, доколку има волја за реформи и демократизација на партијата.


Ќе има ли дијалог за помирување на опозицијата?

По враќањето од Хелсинки, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја остава отворена можноста за средба и дијалог со своите внатрепартиски опоненти, од кои дел се и исклучени од партијата.
-Навистина немам личен проблем и лична фрустрација за ниту една личност во Македонија. За сè што е во интерес на државата и на ВМРО-ДПМНЕ апсолутно сум подготвен да седнам и да разговарам. И да донесеме најдобро решение што ќе помогне Македонија побргу да стане земја членка на ЕУ, изјави Мицкоски.
Од партиското раководство велат дека не би прејудицирале на кои теми би се разговарало доколку дојде до средба со претставници на т.н. реформско крило во партијата. Костадин Богданов, кој до скоро беше член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека за добро на партијата е да се воспостави дијалог во насока на нејзино модернизирање и консолидирање. Тој набројува и четири приоритетни точки за да се постигне тоа. Како прво, вели, неопходна е промена на политиките, но и на реториката.
-Термини како што се „картели“, „хунти“, „предавници“… се недопустливи во период пред влез на земјата во НАТО и почнување на преговори со ЕУ, како што се и сосема несоодветни за 2018 година и 21 век, вели Богданов. Тој посочува и дека е неопходно да се реализира што поскоро најавената промена на партискиот статут, како и да се смени односот кон политичките фактори од албанскиот блок.
-Не помалку важно е и да се направат тимови од раководството на партијата кои ќе одат низ сите општини и општински комитети за да му ги објаснат на членството новите политики – соодветно на новата политичка реалност во државата, вели Богданов.

Александра М. Митевска