Ќе има ли утре парно греење и топла вода во „Стив“?

Дел од студентите сместени студентскиот дом „Стив Наумов“ вчера имаа средба со директорот на Државниот студентски центар – Скопје, Дарио Николовски, кому му ги раскажале проблемите со кои се соочуваат изминативе десетина дена – тоа што немаат парно греење во објектите и немаат топла вода во првата зграда. Ивана Ѓорѓиева, која веќе четири години престојува во студентскиот дом, вели дека групата студенти што присуствувала на состанокот добила ветување дека до петок ќе бидат отстранети дефектите.

„Состанокот траеше еден час. Од директорот на Државниот студентски центар, Николовски, добивме ветување дека до петок проблемите со топлата водата и парното греење ќе бидат решени. Разговаравме и за неквалитетната храна, тоа што во дворот нема секаде осветлување. Директорот ни рече дека се стреми за пријателски однос со студентите и соработка од сега па и во иднина. Доколку и овој пат ветувањата во врска со проблемите бидат празни, од следната недела повторно ќе го изразиме нашето незадоволство со мирен протест. Дотогаш ќе останеме воздржани“, рече Ивана.

Од Државниот студентски центар велат дека парно греење нема во две згради од вкупно четири. Со екипите на БЕГ се во постојана координација, а и интензивно се работи на терен за итно отстранување на дефектот на внатрешната инсталација, ветуваат дека в петок студентите сместени во „Стив“ ќе имаат парно греење. Топла вода нема само во една зграда и овој проблем ќе бил решен в петок.

„Во моментов се работи на санирање на наследената катастрофална состојба во домовите и на замена на дотраената опрема, а истовремено се исплатени и обврски во висина од два милиони евра од вкупно наследениот долг од 5 милиони евра“, подвлекуваат од Државниот студентски центар.

Од компанијата БЕГ велат дека во „Стив“ нема парно греење поради дефект на внатрешната инсталација, чие одржување согласно важечката регулатива е обврска на управата на домот.

„Екипите на БЕГ пред почетокот на грејната сезона навреме извршија проверка на топлинската станица на Студентскиот дом ‘Стив Наумов’, при што беше констатирано дека таа е технички исправна за енергија од централниот систем за греење. Сè додека управата не го среди овој проблем во внатрешната инсталација, БЕГ не е во можност да испорача топлинска енергија“, соопштија од БЕГ.

Студенти во изјава за „Независен весник“ се пожалија и дека храната што им ја даваат во мензата во „Стив“ е неквалитетна, еднолична и количински е малку, па брзо по оброкот огладнуваат. Читалната не е добро осветлена, иако тоа е место кое е предвидено да учат за да се спремат за колоквиум или испит.

„Пирето што ни го даваат е од растворен прашок. Се случува цела недела на мени за ручек да имаме грашок, за вечера макарони. Освен тоа, количината е мала, па брзо огладнувам“, подвлече Борче, кој е сместен во втората зграда во „Стив“.

„Читалната не е добро изолирана, сè се слуша однадвор. Од гласови не можам да се концентрирам да учам, да се спремам за колоквиум или за испит. Дополнително слабо е и светлото, во катастрофална состојба се и столчињата. Пред две години дури си носевме столчиња од соба бидејќи немаше во читалната“, нагласува Наталија.

Од Државниот студентски центар – Скопје додаваат дека во последна фаза е воведување на новото мени после повеќе од 15-ина години, со што значително ќе се подобри исхраната која е голем проблем за студентите. Наскоро ќе започне и реновирање на кујната во „Гоце Делчев“, покривите во „Стив Наумов”, ќе има и подобрување на квалитетот на храната.

Вероника Мароска-Леова