Во Кочани се враќа името на улицата „Маршал Тито“

Најстарата улица во Кочани, која пред четири години беше преименувана во „ВМРО“, ќе си го врати првичното име „Маршал Тито“.

Советот на Општина Кочани на 17. седница донесе одлука со која една од централните градски сообраќајници повторно ќе го носи називот што го имаше над шест децении.

– Одлуката од пред четири години беше израз на еуфоријата на долгогодишното владеење на сите нивоа и со неа тогашната владејачка гарнитура направи обид да брише дел од историјата на Македонија, период поврзан со борба по која македонскиот народ конечно ја оствари вековната желба да добие своја држава, а македонскиот јазик стана еден од трите официјални јазици во тогашната Федерација. Немањето издржано образложение за преименување на улицата која е главна градска артерија, граѓаните никогаш не го заборавија.Во нивно и во наше име, на советничката група на СДСМ и коалицијата, бараме да биде вратено името на улицата „Маршал Тито“, истакна Гордана Антова, член на Советот на општината.

При гласањето за враќање на поранешното име на улицата, опозициската советничка група ја напушти седницата, што беше оценето како неконструктивност заради избегнување дебата.

– Неправдата мора да биде исправена, затоа што одлуката на тогашното мнозинство во Советот помина без дебата и без да се слушне ставот на граѓаните. Жителтие на улицата се уште не ги промениле личните документи на кои како адреса им стои “Маршал Тито“, што јасно го изразува нивниот став по ова прашање, истакна Венко Крстевски, претставникот на младите во Советот на Кочани.

Заради вклучување на опозицијата во донесувањето на одлуката беше предложено точката да се повлече, во меѓувреме да се направи истражување и да се слушне ставот на граѓаните. Советот не го прифати овој предлог и изгласа враќање на името „Маршал Тито“.

(МИА)