Возилата што загадуваат да плаќаат поскапа регистрација

Домаќинствата што се греат со фосилни горива најмногу го загадуваат воздухот со ПМ 10 и 2,5 честички, а дизел-возилата се главни загадувачи со азотни оксиди. Според студиите изработени од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој на МАНУ, кои беа презентирани вчера на работилници во Градот Скопје, над 90 отсто од отровните прашини во воздухот ги емитираат оџаците на домаќинствата, а само десет отсто се од возилата. Издувните гасови од автомобилите, пак, учествуваат со 60 отсто во загадувањето на воздухот со азотни оксиди.

За да добиеме чист воздух, ќе треба да имплементираме многу мерки и да вложиме многу пари. Целосно да го смениме начинот на затоплување на домовите и да возиме електрични возила, велосипеди или да користиме јавен транспорт. Според еден од изработувачите на студиите на МАНУ, Александар Дединец, краткорочни решенија не постојат, а важно е да се дејствува во сите сектори истовремено за да се постигнат резултати.

„Како главни виновници за лошиот квалитет на воздухот ги лоциравме домаќинствата кои се загреваат на огревно дрво. За нив препорачавме мерки за приклучување кон топлификацискиот систем како една од најбрзите мерки, како и продолжување на субвенциите за набавување печки на пелети или инвертери. Изолацијата на домовите е едно од решенијата, за да се намалат потребите за греење. За возилата предлагаме да плаќаат различна сума за регистрирање, или да се оданочуваат различно при увоз, а основа да биде податокот колку возилото емитира јаглероден диоксид“, вели Дединец.

Една од поважните мерки која може да влијае на квалитетот на воздухот во Скопје е и замената на такси возилата со електрични до 2025 година. Тие поминуваат над 40.000 километри годишно што автоматски ја оправдува инвестицијата бидејќи би се вратиле многу брзо преку заштедата на гориво. Во земјите на Европската Унија, посочи Дединец, една четвртина од стакленичките гасови се резултат на емисиите од транспортот. Во Македонија тој процент е помал, околу десет отсто, но постојано расте. Тоа е резултат на фактот што во периодот од 2012 до 2015 година 77 отсто од возилата кои биле купени биле дизел.

„Возниот парк во земјава е многу застарен, а најголемиот дел од возилата задоволуваат стандарди од еуро 3 и еуро 4. Најголемиот проблем се јавува кај товарните возила од кои 40 отсто немаат никаков стандард и масовно го загадуваат воздухот“, вели Дединец и посочува дека доколку се применат сите препорачани мерки во секој од засегнатите сектори за седум години загадувањето од ПМ 10 и 2,5 ќе се намали до 93 отсто од домаќинства и 20 отсто од возилата. Дополнително, најави дека МАНУ ќе ги испитува и влијанието на индустријата кон квалитетот на воздухот со што ќе се добие комплетна слика за состојбата во Скопје

Раководителот на Секторот за заштита на животната средина во Град Скопје, Цветанка Икономова-Мартиновска, смета дека за лошиот квалитет на воздухот во градот одговорност носат сите негови жители, па сите треба да дадат свој индивидуален придонес во решавање на проблемот. Таа најави дека субвенционирањето за набавка на печки на пелети за граѓаните на Скопје за годинава е завршено, но во буџетот за идната година се предвидени 15 милиони денари или за 50 отсто повеќе од годинава.

„Интересот е огромен и во изминатиот период веќе 1.000 домаќинства добија печки на пелети. Град Скопје прв го иницираше овој начин на греење и по негов пример тргнаа и другите општини, како Гази Баба и Аеродром, кои распишаа јавни повици за субвенционирање на граѓаните“, рече Икономова-Мартиновска.

Годинава 4,2 отсто од градскиот буџет бил наменет за проектите од животната средина, а идната година, според најавите, ќе се одржува истото ниво.

Сања Наумовска