Водно се копа без мерки за заштита од ерозија

Изградбата на гасоводот на Водно продолжува без да се води сметка за безбедноста на работниците, обвинува граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“. Оттаму реагираат дека багерите во моментов се наоѓаат на работ на бездна, длабока и над 160 метри, во правец кон селото Шишево, а не се применуваат никакви мерки за заштита од ерозија. Заштитата од свлечишта е неопходна на падини со наклон поголем од 20 отсто, а во парк-шумата Водно, која е карактеристично ерозивно подрачје, препорачано е да се имплементираат низ целата делница. Екологистите велат дека мерките не се применуваат бидејќи постапката за јавна набавка за избор на фирма што ќе ги спроведе не е завршена.

Од МЕР, пак, информираат дека изградбата на гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар продолжува според основниот проект кој има правосилно одобрение за градба и дека се спроведува според сите стандарди на квалитет и безбедност.

„Ако има сомневање или индикации за каква било повреда на некои законски постапки и прописи, ги повикуваме сите што евентуално поседуваат такви информации да се обратат до надлежните институции во рамки на правниот систем на државата. Напоменуваме дека Владата, МЕР и Град Скопје ги прифатија најголемиот дел од барањата и сугестиите на граѓанската иницијатива, како намалување и стеснување на работниот појас, за да се избегне сечење на дел од шумата, направен е проект за дополнителни мерки за ерозија, програма за рекултивизација на која веќе работи работната група, како и носење закони за Водно, Матка и Гази Баба, за кои веќе се работи во надлежните институции“, велат во МЕР и посочуваат дека, сепак, барање алтернативна траса во оваа фаза на реализација на проектот не е возможно.

Активистите, пак, велат дека институциите, со намера што побрзо да го протуркаат проектот, ги ризикуваат животите на работниците.

„На спустот кон Шишево багерите се на раб на бездна. Се работи на исклучително тежок терен со наклони од 63 отсто во должина од 107 метри и од 71 отсто во должина од 163 метри. Импровизиран план за заштита од ерозија е доставен пред еден месец до МЕР и до Министерството за транспорт и врски, откако ние го побаравме тоа. Работниците треба да ги носат багерите во бездна, затоа што така оди трасата на гасоводот. Треба да го ризикуваат својот живот за да се продолжи лудилото – по секоја цена гасовод низ Водно“, велат од „Го сакам Водно“.

Тие обвинуваат дека изградбата се продолжува иако ја следат низа недоследности во документацијата, за што институциите воопшто не реагираат. Иницијативата досега испратила околу 30 претставки до повеќе институции со кои укажува дека, покрај тоа што нема кој да ги спроведе мерките за заштита од ерозија, симптоматично е и обновување на решението за сеча на дрвја што го издава Градот Скопје.

„Решението за сеча истече пред повеќе од еден месец, а беше издадено бесправно бидејќи проектираната траса не е користена за да се пресмета проценката за штета и висината на средствата од МЕР исплатени на Град Скопје, што е предуслов за да се издаде. Откако му истече рокот, МЕР побара продолжување, а Градот Скопје наместо на 30 дена, го продолжи до март идната година’, нагласуваат од „Го сакам Водно“.

Екологистите се револтирани и дека им е скратено правото да се жалат бидејќи, како што им било посочено од институциите, тие не се странка во проектот. Тие ја повикаа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска да преземе мерки и да го запре загрозувањето на животот на работниците и апелираат до институциите да ги прекинат сите понатамошни дејствија и да направат ревизија на проектот.

Сања Наумовска