ВМРО-ДПМНЕ распиша оглас за наследник на Иванов
ВМРО-ДПМНЕ го распиша јавниот повик за пријавување кандидатура за претседател на Македонија. Од партијата велат дека сите оние кандидати, кои ги исполнуваат законски предвидените обврски и услови за кандидирање и кои се согласуваат и ги поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ, треба да поднесат индивидуално писмо до партиското седиште најдоцна до 31 јануари.
„Веднаш потоа, сите кандидати кои ги исполнуваат условите, ќе имаат еднакво право да ги презентираат својот план и програма пред партијата. Согласно одлуката на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ на конвенцијата ќе учествуваат и одлучуваат 550 делегати. Принципот за избор е тајно гласање, а за избран кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија се смета кандидатот кој добил најмногу гласови од сите кандидати, но не помалку од една третина од вкупниот број на делегати. Доколку ниту еден од кандидатите не го добил потребниот број гласови или кандидатите добиле еднаков број гласови, гласањето се повторува. Во повтореното гласање учествуваат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови во првото гласање“, информираат од најголемата опозициска партија.
Според информациите, конвенцијата ќе се одржи на 16 февруари. Во партијата се уверени оти нивниот кандидат ќе го победи соперникот од редовите на власта што ќе биде почетокот на крајот на црнилата што ги донела актуелната влада на чело со премиерот Зоран Заев.