ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во дебатата за Кривичниот законик

ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на собраниската дебата за Кривичниот законик, бидејќи тоа за партијата ќе значи уривање на правната држава и тргување со правото.

Координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски, рече дека за нив „сите дилови на Зоран Заев излегле на површина“.

„Предложените измени и дополнувања на Кривичниот законик на Република Македонија имаат за единствена цел на рушење на правната традиција и поткопување на правната сигурност и функција на правниот поредок на Република Македонија односно Зоран Заев преку ова решение тргува со правото и правната држава. Многу од предложените норми се противуставни, спротивни на функцијата и намената на законот и просто нелогични и апсурдно бесмислени. Вакво нешто не е запаметено во политичката јавна сцена. Преку овој закон излегуваат на виделина сите дилови на Зоран Заев. Наместо подобрување на правните норми и работење во согласност со забелешките од Брисел како услови за почеток на преговори, Македонија на чело со Заев и СДСМ свесно ја носат Република Македонија во амбис“, рече Мицевски.