ВМРО-ДПМНЕ го чека прашањето за референдумот

Не е добро да се менуваат изборните правила спроти самиот настан“, прокоментира вчера Стево Пендаровски, националниот координатор на НАТО на прашањето дали ќе дојде до намалување на потребниот цензус за најавениот референдум околу договорот за името со Грција. Тој не ги поддржува заложбите што се појавуваат во дел од јавноста и меѓу власта за промена на законското решение, кое предвидува успешност на референдумот доколку излезат на гласање 50 отсто плус еден граѓанин и притоа повеќе од половината би гласале „за“, во случајов, договорот со Грција. Во изборен список со 1,8 милион запишани избирачи, се чини невозможна мисијата за излезеност на 900.000 граѓани доколку ВМРО-ДПМНЕ одлучи да бојкотира.

Не е добро да се менуваат изборните или референдумските правила спроти самиот настан. Во принцип, јас не сум за такви правила. Моја проценка е дека ако воопшто се оди во таа насока, ќе биде само поради информациите кои дека некои структури во опозицијата заговараат т.н. тивок бојкот или во превод: јас ќе тврдам дека ќе гласам на референдумот против, но, всушност, ќе им дадам инструкции на своите да не излегуваат на гласање. Ако се работи за тоа, не негирам дека може да се размислува за намалување на цензусот“, вели Пендаровски.

Тој нагласува оти референдумското прашање треба да биде решено во парламентот, а потоа треба да се реши каков ќе биде типот на референдум: задолжителен или консултативен. Но, и во двата случаи, нагласува професорот, одлуката што ќе ја донесат граѓаните ќе биде задолжителна.

Во редовите на опозицијата со внимание ги следат потезите на нивните политички противници. Нивниот став е јасен: тие се против договорот, сметаат дека со него не се зачувани идентитетските белези, бараат референдумот да се одржи без трикови, а за возврат подготвени се да ги признаат резултатите и потоа евентуално да гласаат во парламентот за потребното двотретинско мнозинство за менување на Уставот.

Ако народот сака државата да се вика ‘Северна Македонија’ и доколку му е сеедно што пишува во договорот, тогаш ние сме должни да ја почитуваме неговата волја. Сепак, состојбата на терен покажува оти мнозинството граѓани се разочарани и доколку бидат создадени фер услови, референдумот нема да успее“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.Оттаму нагласуваат дека доколку референдумот биде организиран и спроведен како минатогодишните локални избори, тој нема да биде признаен од опозицијата, а со тоа нема да дигнат рака за уставните измени.

Нема да дозволиме да нѐ вовлечат во сценарија какви што им одговараат. Референдумот, прво и основно, мора да биде задолжителен, а не консултативен. Намалувањето на цензусот, исто така, нема да го прифатиме, а и не можат да го спроведат, затоа што им треба менување на законот, односно двотретинско мнозинство во парламентот што го немаат. Потоа на избирачките места да има услови за демократско изразување волја, да нема полнење на кутиите, сите места да бидат мониторирани… Јасно ни е дека зад договорот стои меѓународната заедница, тие ќе помогнат референдумот да успее, впрочем, и ние сме под притисок да учествуваме активно, но, сепак, ова е премногу важна работа за да дозволиме некој друг да одлучува место нас самите“, децидни се во ВМРО-ДПМНЕ.

Сметаат дека клучот за успешноста на референдумот ќе лежи во прашањето што ќе биде поставено до гласачите. Според информациите, се размислува за: „Дали сте за прифаќање на договорот со Грција со цел зачленување на Македонија во ЕУ и во НАТО“.

Но ги следиме и срамежливите најави дека е можно прашањето да биде во стилот ‘дали сте против договорот со Грција’ и на тој начин бркањето на цензусот од 900.000 граѓани да биде ставен на грбот на противниците на договорот. Затоа сме внимателни и не можеме уште сега да кажеме дефинитивен став во врска со претстојниот референдум. Многу работи ќе бидат појасни кога ќе го дознаеме прашањето“, заклучуваат во ВМРО-ДПМНЕ.

Кон средината на јули се планира парламентот да го распише референдумот. Еден од термините што се споменуваат во политички кругови е 9 септември, што би значело ден по одбележувањето на 27-годишнината од првиот референдум за прогласување на независноста на Македонија. Законот за референдум предвидува ваквите изјаснувања да се организираат исклучиво во недела, така што, ако се оди на избор на друг ден, би требало да се донесат законски измени. Доколку се процени дека не е прагматично новиот референдум да се поврзува со Денот на независноста, како следен можен датум се спомнува следната недела, односно 16 септември. Премиерот Зоран Заев вети дека ќе даде оставка доколку референдумот биде неуспешен.

Ако сега не успееме успешно да ги поминеме овие три фази, значи комплетно да го верификуваме договорот, тогаш алтернативата ќе биде повторно во некое идно време да продолжиме да преговараме бидејќи стратегиските цели се тие: ЕУ и НАТО. За нас нема добра алтернатива, но по мое мислење, тоа ќе биде задача на некоја идна генерација македонски политичари, не на оваа која сега се обидува да го реши спорот“, предупредува Пендаровски.

Горан Адамовски