Влада: Тендерот за цвеќиња се однесува на 20 државни објекти

Тендерот за хортикултурно одржување и уредување се однесува на 20 државни објекти низ целата држава, за површина од 133.654 метри квадратни и опфаќа период на набавка од три години, соопшти попладнево Владата, отфрлајќи ги како неточни информациите од некои медиуми дека станува збор за „набавка на цвеќе“.
Набавката, според Владата, воопшто не е нова, туку се прави со години наназад и е позната во јавноста како „Секјуриком тендер“ во кој биле споени четири различни набавки, покрај хортикултурно уредување, имало и хигиена и чистење, како и обезбедување објекти.
Сега, како што истакнуваат од Владата, набавката е јавно објавена, на транспарентен начин, и јавноста ќе биде соодветно информирана по завршување на постапката за нејзина реализација. Предвидува ангажман на 25 лица, а се однесува на набавка на услуги за точно 20 објекти во државна сопственост.
– Сметаме дека информациите пласирани во јавноста од одредени медиуми во кои се наведува дека се работи за „набавка на цвеќе“ се целосно погрешна интерпретација на техничката спецификација и далеку од вистинити, наведува Владата.
Во тендерската спецификација јасно е наведено кои услуги се набавуваат.
– Редовно одржување и обновување садници, саксиски растенија, жардињери и сезонски расад, наводнување, заштита од штетници, ѓубрење, прихранување, окопување, плевење, кроење, фрлање на откроените гранки, мулчирање, целосна замена на исушени и оштетени садници, саксиски растенија, сезонски расад, украсни грмушки, дрва и трева до 100 отсто од вкупниот број садници и површината под трева, редовно одржување тревни површини, сечење и кроење грмушки и други садници, кроење и сечење гранки, кастрење жива ограда и обликување, сечење и отстранување зеленило по ивици, агли и меѓу фуги на патеки, плато и други површини, изнесување на откосот, гранките и друг отпад кој е производ од хортикултурното одржување и уредување надвор од објектот на локација предвидена за таков вид намена, се само дел од услугите.
Тендерот опфаќа и поправка и одржување на постоечки систем за наводнување во објектот Вила 1 (цевна инсталација, вентили, прскалки, електрична инсталација, шахти, капаци, ел. магнетни вентили, мануелно и управување со тајмер, автоматика).
Во соопштението на Владата е наведена и табела со големината на површините што треба да бидат уредувани во секој од органите/објектите одделно.