Бутарис: Скопјаните не се човекојадци


Од што се плашиме, дека можеби соседите ќе ни го земат Солун? Сега е шансата да завршиме со ова отворено прашање. Скопјаните не се човекојадци, рече солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, во писмениот поздравен говор на конференцијата „Национализам наспроти патриотизам“, организирана од грчката партија „Река“.

Правејќи споредба меѓу патриотизмот и национализмот, Бутарис, вели дека со патриотизмот се добиваат, а со национализмот се пропуштаат можности. Како пример ја наведе општина Солун, градот што за да не пропушта можности е отворен кон Турците и Македонците, пренесува дописникот на МИА од Атина.

– Затоа го поканив Зоран Заев, тука да ја дочека Новата година. Поврзани сме со лична врска, а тој е сериозен човек. Од што се плашиме, дека можеби соседите ќе ни го земат Солун? Сега е шансата да завршиме со ова отворено прашање, во корист на Грција, затоа што денес соседната земја во целиот свет е позната исклучиво со уставното име. Скопјаните не се човекојадци, само затоа што ги водеше Груевски, еден радикален националист, еднаков со нашите ултра патриоти, вели солунскиот градоначалник.

Јанис Бутарис ги споменува и Турците кои го посетуваат Солун и зголемениот број на турски туристи. Воедно, ја повикува и официјална Атина, да продолжи со активностите кон соседите започнати од неговата општина.

– Ние го направиме почетокот. Време е „штафетата“, смело да ја преземе политичкото раководство во Атина и да продолжи со овие потези, додава солунскиот градоначалник, пренесува МИА.