Бегство што ја „киднапира“ довербата во власта

Премиерот Зоран Заев најави и вчера темелна истрага за бегството на експремиерот Никола Груевски во Унгарија. Рече дека ако таа истрага покаже дека институциите потфрлиле, некој ќе сноси одговорност. Но одложените најави на премиерот за можна одговорност за скандалот, што од темел го потресе неговиот кабинет, не го амортизираат незадоволството во јавноста поради бегството на главниот антихерој од „опозициските бомби“.
Актуелната владејачка гарнитура, според проценките, сега се соочува со потрес со сличен интензитет како тој што своевремено го предизвика некогашниот опозиционер Заев со „детонацииите“ од прислушуваните разговори што на крај ја срушија владата на Груевски. Со таа разлика што сегашниот владин кабинет е некаде на половина од првиот мандат и нема навлечено досега толку негативен одиум во јавноста со други промашувања какви што имаше во премиерскиот „куфер“ на Груевски.
Додека институциите на другите држави од регионот низ кои транзитирал и отседнувал Груевски излегуваат деновиве со прецизни информации за тоа кога и како тој ги поминувал границите, Заев вчера внесе нова забуна во јавноста кога ја постави дилемата дали поранешниот македонски премиер своеволно ја напуштил земјава или бил киднапиран.
„Ги уверувам граѓаните дека ќе направиме сè што е во наша надлежност Груевски да биде екстрадиран и да ја отслужи казната во Македонија. Нема да застанеме додека тоа не се случи. И јавно го поставувам прашањето дали Груевски доброволно ја напуштил Македонија пред да биде издадена наредбата за неговото приведување пред суд или можеби бил киднапиран. Очекувам Груевски и Унгарија да дадат одговор зашто тука се отвораат други прашања, правото на азил и други околности. По одговорот на ова прашање следуваат сериозни други прашања со дебела суштина“, рече Заев.
На прашање зошто спомнал киднапирање, Заев посочи дека не знае кој друг посоодветен збор да го употреби.
„Секоја амбасада е екстериторијалност, територија на друга држава, секое дипломатско возило, секој авион. Зависи кое знаме го носи. Таму нашата полиција или систем не може да дејствува. Од тој аспект јавно прашувам, дали Груевски избегал доброволно или бил киднапиран. Може на ‘Фејсбук’ да дадат одговор – Груевски или Унгарија“, истакна премиерот.
Заев рече дека бил свесен за вакво сценарио уште кога почна објавувањето на „бомбите“. Не само дека е можно да побегне Груевски, туку дека тоа може да го сторат и некои други. Според него, Груевски со бегството во Унгарија ја признал вината за делата за кои е осуден и обвинет.
Според проценките на аналитичарите, Владата, а пред сè, СДСМ како водечка партија на власт, се соочува моментно со криза на доверба. Сепак, засега нема најави за седница на форумите на СДСМ за новонастанатата ситуација. Висок партиски функционер вели дека Извршниот и Централниот одбор на партијата нема да заседаваат на оваа тема.
Аналитичарот Сашо Ордановски во една од своите колумни посочува дека оваа криза се заканува да ги загрози виталните функции за натамошниот кредибилитет на оваа власт. Првото правило во секој прирачник за менаџирање на кризи, наведува Ордановски, е дека во која било криза најитно мора да се востанови фактичката ситуација, потоа таа фактичка ситуација што побргу и потранспарентно треба да се соопшти во јавноста, за да се пресретнат дополнителните штети што неинформираната и љубопитна јавност ќе ги прави во однос на кризата.
-Тоа оваа власт, фрапантно, не го прави. Со секој изминат час, се зголемува бројот на оние што мислат дека Заев се договорил со Груевски непречено да побегне од земјата. Власта како да не разбира дека кога, на твоја сметка, ќе ти направат стотици заебанции по социјалните мрежи, ништо не може да биде исто како пред тоа. Прашајте го Грујо, така падна тој по десетина години цврста автократија, а не па овие ветрушки од СДСМ што да паднат од чамец среде езеро, ни водата не би ја погодиле – забележува Ордановски.
Челниците на Владата во изминатите денови се обидоа да ја амортизираат кризата што ја предизвика бегството на Груевски со тоа што прво отфрлаа каква било одговорност на МВР и на извршната власт, посочувајќи на правосудните институции. Потоа беше најавено итно барање за екстрадиција на Груевски, кое може да изгуби важност доколку тој во меѓувреме добие азил во Унгарија. Исто така, Јавното обвинителство отвори истрага по допрен глас за евентуална асистенција на службени лица во бегството на Груевски. Затоа, пак, никој официјално не зборува за политичка одговорност за случајот. Висок владин функционер оценува дека бегството на Груевски нема да влијае на кадровските промени што ги најави претходно Заев, посочувајќи притоа на политички помалку деликатни работи, како што е пасивноста на одредени министри или застојот во реализацијата на капиталните инвестиции и потребата од субвенционирање на дел од долговите на општините.
Скандалот со бегството на Груевски од правдата го фрли во длабока сенка клучниот владин проект во изминатите месеци – спроведувањето на договорот со Грција. Речиси никој сега не зборува за референдумот, за уставните измени, за исклучувањата од ВМРО-ДПМНЕ… Во втор план се и најавените проекти, како праведниот данок, спроведувањето на планот 18, буџетот за следната година – што Владата го прикажа како пресвртница во однос на зајакнувањето на економските параметри на земјата.
Со теми што се моментно од второстепено значење деновиве се занимава единствено ВМРО-ДПМНЕ, која, од друга страна, не инсистира нагласено на одговорност од извршната власт за бегството на својот поранешен лидер и почесен претседател. Партијата која во април годинава се врати во парламентот со иницијатива за гласање доверба на кабинетот на Заев вчера ги критикуваше владејачките функционери за неспроведување на мораториумот за издавање нови дозволи за градба во општина Центар, за ново задолжување во Битола, за вработувањето на сестрата на генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски во Централниот регистар. За случајот „бегството на Груевски“ од ВМРО-ДПМНЕ во текот на вчерашниот ден единствено се обратија со соопштение, посочувајќи дека Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски знаеле дека Груевски не е во својот дом, ниту во партиското седиште.
„ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со самото заминување на Груевски. Тоа не е опција дури и кога сите знаат дека се работи за политички прогон. Одговорноста за бегството на Груевски лежи единствено во власта со која предводат Заев и Спасовски“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, возвраќаат дека ВМРО-ДПМНЕ е првата партија во Европа со почесен претседател – криминалец во бегство. Од владејачката партија и вчера прашуваа која била целта на посетите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Белград и Будимпешта, пред бегството на Груевски?
„Дали антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и пионот Мицкоски се поврзани со бегството на Груевски? Преку отворените истраги за бегството на криминалецот Груевски, сите соучесници мора да бидат пронајдени и соодветно санкционирани“, се вели во одговорот од СДСМ.
Втората владејачка партија ДУИ во изминатите денови не се огласи воопшто во врска со бегството на својот поранешен коалициски партнер. Единствено спикерот Талат Џафери презема мерки за регулирање на статусот на Груевски како неоправдано отсутен пратеник.
Александра М. Митевска