„Анима мунди“: Казна за оние кои сечеле уши на куче

Во Зелениково возрасен човек со ножици сече уши на куче во двор, а во Велес малолетник неколку пати удира мало кутре кое едвај тежи пет килограми. По овие две видеа што се појавија на социјалните мрежи, Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ бара итна истрага и казни за сторителите

„Со згрозеност ве известуваме за два случаи на насилство врз животните кои беа извршени во ист ден и за кои бараме итна истрага и казна за извршителите. Нагласуваме дека случајот во Велес не е изолиран, бидејќи во пораки ни стигнуваат се повеќе и повеќе видеа од истиот малолетник како малтретира животни“, наведува „Анима мунди“.

За двата случаи се известени и полицијата и Агенцијата за храна и ветеринарство, а за случајот во Велес дополнително ќе бидат известени и социјалните служби.

Според Здружението, ова е црвен аларм дека институциите, вклучувајќи ја и полицијата, мора да се посветат на спречување и казнување на насилниците.