Аналитичари: Партиските лидери да не играат со евроатлантската перспектива на земјата

Излегувањето на „Алијансата за Албанците“ од Владата во клучен и сензитивен период, кога се прават големи напори за деблокирање на евроатланските процеси, може да има негативни ефекти за Македонија. Иако најавија останување во Владата до изгласување на законот за употреба на јазиците, сите нејзини функционери веќе ги депонираа своите оставки до премиерот Зоран Заев, со што Зијадин Села формално се пресели во опозиција.

Премиерот Заев, коментирајќи ги оставките на замениците министри од „Алијансата за Албанците“, рече дека за него ова е очекуван чекор откако лидерот на оваа партија, Зијадин Села, не ја прифати понудата од Владата за потпретседателско место за реформи. Тој додаде дека нема да брза со разрешување кадри во институциите како од претходната власт, така и од „Алијанса за Албанците“ бидејќи, како што рече, квалитетните кадри треба да останат и верува во капацитетот на тие граѓани. Заев притоа излезе и со порака и апел на адреса на ВМРО-ДПМНЕ што побрзо да се вратат во Собранието, за заеднички да работат на реформите што државата ќе ја придвижат кон ЕУ и НАТО.


Но политичките аналитичари предупредуваат дека идната 2018 година политичките чинители треба да бидат многу внимателни во донесувањето на одлуките бидејќи сега повеќе од кога било е потребно политичките партии да прават компромиси во име на државните интереси. Политичките игри и кавги меѓу главните политички актери, според аналитичарот и колумнист Агим Јонуз, мора да запрат бидејќи се работи за иднината на Македонија и за меѓународниот углед на земјата. За Јонуз, Македонија пред себе има голем предизвик и историска шанса која Села, Заев, Ахмети и Мицкоски не смеат да ја прокоцкаат.

„Села, Заев, Али Ахмети и новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека влогот во 2018 година ќе биде преголем за кој било од нив да покаже несериозност, некомпатибилност со Владата и некооперативност. Секоја екскурзија идната година, во време кога треба да ја искористиме последната шанса што ни ја даваат Европската Унија и НАТО, како и секоја несериозност, ќе бидат трагични за Македонија. Македонија е ставена пред предизвик ‘сега или никогаш’. Иднината на Македонија е неизвесна доколку не покажеме политичка зрелост. Сметам дека без оглед на сѐ што ќе прави Села, свесен е дека и да сака, не смее да биде пречка за процесите што се започнати и кои не смеат да се стопираат. Ако треба, ќе се направат и меѓупартиски преддоговори и ако треба ќе се коалицира со некој трет од страна колку да се исполнат гласовите за консензус и за донесување закони. Не мислам дека Села ќе успее да предизвика некаква нестабилност или криза што ќе биде дестабилизирачка за овие процеси. Затоа што тука не е во прашање позиција-опозиција, тука во прашање е Македонија и меѓународната јавност. А, ако ја изневериме повторно меѓународната јавност, мислам дека никогаш повеќе нема да бидат заинтересирани да нѐ спомнат, а уште помалку да ни помогнат“, смета Јонуз.


Политикологот Ќенан Алиу песимистички гледа на 2018 година кога е во прашање евроатлантскиот процес на Македонија. Според него, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, заедно со премиерот Зоран Заев се главните режисери, актери и креатори на внатрекоалициската и владина криза. Алиу оценува дека наредната година нема да биде бериќетна за Македонија кога се во прашање еворинтеграциите.

„Факт е дека, и покрај тоа што се работи за тенко парламентарно мнозинство, владината криза е забележлива. Погазени се принципите за формирање влада од тенкото парламентарно мнозинство. Режисер на оваа криза е ДУИ, од времето кога го загуби приматот, додека пак премиерот Заев е главниот актер на оваа политичка режија, нормално играјќи повеќе за своја популарност и за тоа што политички ѝ одговара на неговата партија. Истовремено, настрана од циничниот јавен настап на ‘Алијансата’ и Села, не мислам дека тие имаат вмешано прсти во оваа сценарио бидејќи цинизмот не е толку вреднуван во политиката, посебно кога истата се вметнува во сериозни прашања. Сепак, во политиката бројките на парламентарното мнозинство се релативни, истите можат да се зголемат или, пак, дури и да се изгуби потребниот минимум. Но, демократијата има решенија за тоа. Доколку Владата и опозицијата не ги синхронизираат ставовите за патот на земјата кон ЕУ и НАТО, можно е тој процес и таа цел да пропаднат. Овој процес на евроатлантска интеграција на земјата не може да се движи напред со водачи кои не се подготвени на компромис околу државните интереси. Овој процес по сѐ изгледа ќе пропадне и наредната година бидејќи државата има претседател кој го минира преку јавните настапи, уште повеќе што тој има клучни ингеренции во надворешната политика на Македонија. Ако навистина пропадне овој процес и ако тенкото парламентарно мнозинство продолжи да биде такво, тогаш предвремени парламентарни заедно со претседателските избори во април 2019 година се неизбежни“, изјави Ќенан Алиу за „Независен весник“.

Замката на тенкото парламентарно мнозинство се виде најмногу при последното гласање на јавниот обвинител во законодавниот дом. Во моментот кога тој требаше да биде изгласан фалеа пратеници, па спикерот Талат Џафери побара пауза која траеше сѐ до моментот кога во парламентот се собра потребниот кворум за гласање.

Блерим Исмаили