Ако референдумот успее, ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставни измени

ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени, согласно договорот со Грција, доколку референдумот за тоа прашање биде обврзувачки и успешен. Ваков развој на настаните најави, меѓу редови, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во четвртокот вечерта, отстранувајќи ги сомневањата дека опозицијата нема да придонесе за постигнување на потребното двотретинско мнозинство за промена на Уставот.

Но, иако премиерот Зоран Заев ја остави отворена можноста референдумот да биде формално консултативен – а неговите резултати во секој случај да бидат обврзувачки, Мицкоски инсистира изјаснувањето да биде задолжително. Во таков случај, како што изјави, сите ќе мора да го почитуваат исходот од гласањето.

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ околу прашањето на референдумот е јасен и познат. Референдум што нема да биде задолжителен, ВМРО-ДПМНЕ нема да го признае. Доколку референдумот биде обврзувачки и биде успешен, сите ние ќе треба да го почитуваме тоа, не само нашата партија. Но тој прво треба да биде демократски, без манипулации, да се исполнат многу предуслови пред да биде одржан“, истакна Мицкоски во интервју за „Алсат М“.

Прво СДСМ, а потоа и самиот Заев застанаа вчера на иста линија со Мицкоски, по однос на неговото барање референдумот да биде задолжителен. Заев изјави дека референдумот за промената на името е исклучително важно прашање и дека за тој процес мора и власта и опозицијата да бидат усогласени.

„Се согласувам со опозицијата дека референдумот треба да биде задолжителен, а заедно треба да утврдиме дали ќе биде консултативен или обврзувачки. Зборувам за задолжителен референдум ако сите 50 отсто плус еден граѓанин излезат и го поддржат референдумот“, изјави Заев.

Од СДСМ, пак, реплицирајќи му на Мицкоски, посочија дека договорот не е капитулација, туку значаен историски успех за народ кој бил негиран и оспоруван.

„Македонскиот идентитет не беше ‘стекнато право’, како што сега тврди Мицкоски. Дури и неговиот претходник Никола Груевски во повеќе јавни настапи тврдеше дека Грција никогаш нема да прифати македонски јазик и македонска нација. Договорот токму тоа го обезбедува. Мицкоски,  граѓаните ќе го имаат последниот збор. Волјата на граѓаните на референдум е обврзувачка“, се наведува во партиското соопштение.

Според НСДП, која е коалициски партнер на СДСМ, граѓаните ќе имаат фер шанса на референдум да преземат дел од историската одговорност и да одлучат за тоа во каква држава ќе живеат идните генерации.

„Во пресрет на оваа одлука, граѓаните треба да ги потиснат емоциите, да дозволат да надвладее разумот, затоа што само на тој начин може да се изгради реален однос кон оваа прашање и да се согледа дека патриотизмот во 21 век, се состои во препознавањето на фактот дека егзистенцијата на нациите, односно на државите, не води преку патот на самоизолација од модерните политички текови“, велат од НСДП.

Од резултатите од референдумот кој би се одржал рано наесен, всушност,  зависи дали потоа ќе се премине на следната и една од покритичните фази од спроведувањето на договорот што беше потпишан во Преспа, а тоа се уставните измени. Тоа би се постигнало доколку на референдумот излезат најмалку половина плус еден од запишаните гласачи (околу 900 илјади) и ако мнозинството од нив гласаат „за“ референдумското прашања, со кое, најверојатно, промената на името ќе се поврзе со потребата од деблокада на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. Во спротивно, доколку не се постигне потребниот одѕив или во случај да натежнат одговорите „не“, референдумското изјаснување би било прогласено за неуспешно, а договорот за името би станал ништовен.

Промената на Уставот се смета за една од поделикатните етапи од имплементацијата на договорот со Грција поради првичните ставови на опозицијата, како и на шефот на државата Ѓорге Иванов, дека не прифаќаат уставни измени со цел промена на името на државата.  Освен тоа, секое отворање на Уставот претставува своевиден ризик, со оглед на тоа што одредена политичка гарнитура може да стави на маса и други предлог-амандмани и со тоа да ја услови својата поддршка. Сепак, процените во политички кругови се дека овој пат нема да дојде до тоа, со оглед на значењето на договорот со Грција и неговото прифаќање од речиси сите политички фактори во земјава, освен ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ, практично, ќе води референдумска кампања против промена на името, така што цензусот за излезеност, според проценките, би можел да стигне до потребната точка, освен ако не се случи помасовен тивок и неконтролиран бојкот на опозицијата. Тој ризик, според проценките, е реален, со оглед на тоа што меѓу членството на ВМРО-ДПМНЕ има тврдо крило кое не е исклучено да го бојкотира референдумот, независно од партискиот став по тоа прашање. Според познавачите на состојбите во партијата, тоа крило има одредена логистика и во пратеничката група на партијата.  Струјата, пак, околу новиот лидер Мицкоски е поконструктивна во однос на соработката со владејачката гарнитура по важни прашања за интеграцискиот процес. Затоа и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не ја опструираше ратификацијата на договорот со Грција во парламентот, туку ја напушти седницата, овозможувајќи му на мнозинството да го донесе законот. Исто така, најавата за гласање „против“ на претстојниот референдум, ќе значи придонес за цензусот. Од „другата страна“ е и шефот на државата Ѓорге Иванов, чие кочење на договорот е реално.

Александра М. Митевска