Агенцијата „Одмори се“ имала лиценца од А-категорија
Граѓаните да внимаваат при изборот на туристички аранжмани и туристички агенции што ги нудат. Особено да се внимава доколку понудите што им се привлечни доаѓаат од фесјбук-страници или други форми на онлајн-рекламирање. Во никој случај да не се уплаќаат пари доколку агенцијата не им даде писмен договор со сите услуги што им ги нуди за конкретното патување. Врз основа на тој договор, граѓаните имаат право подоцна да се жалат ако не се исполнети обврските од страна на понудувачот.
Ова е генералниот став на сите надлежни институции во областа на туризмот што ги контактиравме по објавување на приказната на двете студентки кои платија аранжман за тридневно патување во Истанбул, а добија само карта во еден правец. Во нивниот случај немаше потпишан договор бидејќи целата комуникација се одвивала електронски, но по пријава во Државниот пазарен инспекторат сепак ќе мора да се направи увид.
Аранжманот го нашле на фејсбук-страницата на Друштвото за туризам и услуги „Одмори се“, а понатаму телефонски и по електронска пошта комуницирале со извесен Влатко Трајковски. Тој им испратил жиро-сметка на која треба да ги префрлат парите, а во електронската форма под неговото име стои веб-страницата на odmorise.mk, физичката адреса на фирмата и телефонски броеви. Ова дава доза на доверба дека лицето со кое се комуницира е вработено во конкретната агенција.
Од друга страна, пак, основачот и сопственик на „Одмори се“, Ненад Марковски, тврди дека фирмата е со блокирана сметка од септември минатата година, а последниот аранжман го направила на 25 октомври 2018 и дека од ноември веќе не нуди аранжмани. Централниот регистар, пак, го демантира ова и во тековната состојба на фирмата стои дека субјектот е активен. На фејсбук-страницата до пред два дена, покрај конкретната понуда за Истанбул, стоеја и понуди за Хановер за 16 март годинава и понуди за летување за Гран Канарија, Канарски Острови, за тековнава година. Од вчера интензивно се бришат постовите на оваа фесјбук-страница.
Секторот за туризам при Министерството за економија за „Независен весник“ потврди дека „Одмори се“ има лиценца за работа и тоа од А-категорија, која е издадена во 2015 година. Имателот на ваква лиценца може да врши организирање туристички патувања во земјата и во странство (тур-операторска дејност). Врз основа на добиената лиценца, туристичката агенција може да се занимава и со посреднички, организаторски, информативно-советодавни и промотивни активности и други активности во врска со патувањето и престојот на корисниците на услугите во земјата и во странство. За продажбата и реализацијата на туристичкиот аранжман, туристичката агенција која има добиено лиценца од А-категорија склучува договор со корисникот на туристичките услуги. До 2015 година, „Одмори се“ имала лиценца од Б-категорија. Туристичките агенции носители на оваа лиценца може да вршат продажба и посредување на туристичките патувања организирани од вршителите на туристичката дејност со лиценца од А-категорија, како и други услуги во согласно Законот за туристичка дејност.
Туристичката агенција која добила лиценца од Б-категорија може да ги врши сите активности во земјата и странство, ако е овластена од страна на туристичката агенција која поседува лиценца А-категорија со склучување договор.
Директорот на Агенцијата за туризам, која има задача да го промовира и поддржува туризмот во Македонија, Љупчо Јаневски, во изјава за „Независен весник“ вели дека негативни случаи кога се појавуваат измамени граѓани го нарушуваат целокупниот имиџ на сите чинители во туризмот во Македонија.
– Тоа што граѓаните го платиле, треба да биде испорачано. И тоа не само во туризмот. Ова воопшто не е добро и креира лоша слика за целиот сектор за сите туристички агенции и тур-оператори. Потребни се засилени контроли – изјави Јаневски.
Ивана Настеска