Утре започнува вакцинацијата против сезонски грип
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска одржа прес-конференција, на која информираше дека вакцинацијата против сезонски грип почнува утре во сите Центри за јавно здравје во земјава. Како што нагласи Филипче, обезбедени се 41.000 дози вакцини.
За првпат годинава, Министерството набавило 28.000 дози на вакцина, која е бесплатна за лицата над 65 години со пензија помала од 14.480 денари, односно со просечна и потпросечна пензија, како и за оние што немаат пензија.
-Набавивме четиривалентна вакцина, која е најнова, висококвалитетна, и заштитува од четири видови на инфлуенца и истата е според препораките на Светската Здравствена Организација и Европската Медицинска Агенција. Вакцините се набавени од француската фармацевтска компанија ‘Санофи Пастер’. Годинава им помагаме на граѓаните на кои им е најмногу потребна вакцината. Вакцинацијата не е задолжителна, но ја препорачуваме за лица над 65 години, како и за другите со хронични болести, но и здравствени работници и други лица во здравствен ризик“, потенцираше министерот за здравство.
Годинава, сите пензионери над 65 години со просечна и потпросечна пензија, со чек од својата пензија треба да дојдат кај матичниот лекар, кој пак преку „Мој термин“ ќе им закаже термин за вакцинација во некој од Центрите за јавно здравје. Лицата над 65 години кои не земаат пензија, ќе можат да се вакцинираат со потврда од ПИОМ.
За сите останати лица, кои сакаат да се вакцинираат, тоа ќе можат да го направат во Центрите за јавно здравје, без закажување.
Како што информираше Филипче, станува збор за 13.000 дози што ги набавиле Центрите за јавно здравје, а цената за нив е 650 денари.
Фото: Б. Грданоски