Стигнуваат податоци за потеклото на Сончевиот систем и животот на Земјата?
Јапонската вселенска сонда се подготвува за слетување на астероид на околу 280 милиони километри од Земјата. Јапонската вселенска агенција денеска соопшти дека леталото „Хајабуса 2“ почна да приоѓа до астероидот околу 13.15 часот по локално време.
Почетокот на приодот е одложен за пет часот поради безбедносни проверки, но сондата ќе се приземји на астероидот според планот, утре наутро.
„Хајабуса 2“ ќе се обиде од астероидот да собере примероци кои би можеле да дадат податоци за потеклото на Сончевиот систем и животот на Земјата. Слетувањето ќе бара висока прецизност. Сондата треба да се спушти на простор широк шест метри за да избегне препреки на површината на астероидот.
Тој астероид има пречник од околу 900 метри и е наречен Рјугу, по подводната палата од јапонска народна приказна.