Собраниската расправа за уставните измени продолжува утре


Собранието на Република Македонија в петок ќе ја продолжи седницата на која пратениците расправаат за утврдување на потребата од предлогот на Владата за уставни измени за имплементирање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција.

Вчера попладневното продолжение на седницата се одржа без пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, откако тие претходно преку соопштение најавија дека се откажуваат од дебатата, нарекувајќи ја јалова, како и дека ќе гласаат против уставните измени. Воедно ги повикаа пратениците од владејачкото мнозинство да се откажат од настапите и да се пристапи кон гласање по владиниот предлог за измени на Уставот.

Во текот на попладневната расправа пратениците од СДСМ кои беа пријавени за збор, го повторија ставот дека сега е време сите што декларативно се залагаат за НАТО и ЕУ да дадат конкретна поддршка на уставните измени.

За парламентарното мнозинство не може да има подобар договор од овој и ако се отфрли на Македонија и се заканува долгогодишна изолација и стипирање на интеграцијата во НАТО и ЕУ.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и натаму со ставот дека Договорот од Преспа е штетен и политички и правно мртов, а при неговото склучување имало непочитување на претседателот и законските одредби од Уставот и Деловникот на Собранието.

Според информациите од Собранието гласањето најверојатно ќе се случи в петок.

Во меѓувреме Владата истакна дека ќе пристапи кон изработка на уставните амандмани дури откако ќе заврши работата во Собранието со изгласување на потребата за нивно изготвување. Владата смета дека е најдобро тие да се подготват заедно со опозицијата односно да се постигне национален консензус.

Ова вчера го истакна владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прес-конференција.

– Потребно е да се изгради национален консензус бидејќи како што вели и премиерот пресериозна е работата, додаде Бошњаковски и нагласи дека во врска со начинот на кој ќе бидат формулирани амандманите и што се ќе содржат, ќе биде познато штом ќе заврши гласањето во Собранието.

Разочараност позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ завчера преку писмо изрази помошникот државен секретар на САД за Европа и Азија, Вес Мичел.

Тој во писмото кое го испрати до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му порачува дека САД се разочарани од позициите на челниците на оваа партија, вклучувајќи го и него лично.

Мичел му порача на Мицкоски дека Договорот од Преспа е историска можност за Македонија и оти подобар не може да се постигне, бидејќи барал компромис и од двете страни. Му потенцира дека тоа е прилика што веројатно нема да се повтори со години, ако не и со децении.

Нема да Ве изненади, додава Мичел, што ние сме разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот.

– Ве поттикнуваме да создадете простор, во јавноста и приватно, за пратениците од Вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда. Ова е историски важен момент за Вашата земја, момент што бара храбро лидерство и зрелост. Како вистински пријател и поддржувач на Македонија. Ве поттикнуваме да ги тргнете настрана партиските интереси со цел унапредување на заедничките стратешки интереси и обезбедување на посветла иднина за вашите граѓани во европското семејство на народи, стои во писмото на Мичел до Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера писмено му одговори на Мичел, нагласувајќи дека се надева оти многу скоро Република Македонија ќе биде дел од НАТО И ЕУ семејствата, но „горда и достоинствена, а не понижена, обезличена и омаловажена“.

Повтори дека Договор е штетен за интересите Македонија и како таков е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на дејствувањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кон уставните измени, Мицкоски, додава дека тие се резултат на претходно изграден став.

– И можам да ве уверам дека доколку има некакви информации за закани, уцени или било какви обиди за влијание врз нивното одлучување и одлучувањето на било кој пратеник тогаш тоа е од кругови или поединци кои не се дел од структурите на мојата партија. Јас не прифаќам таков начин на делување и истиот го осудувам, вели Мицкоски во неговото писмо до Мичел. (МИА)

Фото: Б. Грданоски