Сеад Кочан не чувствува вина: Покрај сувото гори и суровото


Не се чувствувам виновен затоа што не сум имал никаква умисла да прекршам било кој закон, рече во завршни зборови бизнисменот Сеад Кочан кој е првообвинет во случајот „Труст“. „Покрај сувото гори и суровото“, рече Кочан.

Единствена цел ми беше да бидам конкурентен на пазарот и да обезбедам работа за моите вработени и нивните семејства, рече Кочан пред судот.

Сепак Кочан признава дека не ги проверил документите за овој случај, иако како менаџер имал таква обврска. како менаџер

„Како менаџер иако сум имал обврска да ги проверувам сите документи пред да ги потпишам, тоа не го направив верувајќи цврсто во својот тим“, рече Кочан.

И обвинетиот Василије Авировиќ во завршните зборови рече дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари.

„Таквото неосновано обвинение дополнително ја загрози мојата здравствена состојба, која уште од раното детство ми е многу кревка“, рече Авировиќ.

И Кочан и Авировиќ пред судот рекоа дека се приклучуваат кон завршните зборови на одбраната.

Адвокатите на обвинетите во случајот „Труст“ вчера цел ден ги образложуваа своите аргументи и докажуваа дека бизнисменот Сеад Кочан, управител на фирмата „Трансмет“, Василие Авировиќ, управител на фирмата „Силекс неметали“ и Сафет Ватиќ, се обвинети врз основа на претпоставки дека договориле конзорциум и со фалсификувана документација го добиле тендерот за ископ на јаглен во РЕК „Битола“.

Тие во судницата докажуваа дека било апсурдно Обвинителството да бара обвинетите и нивните фирми да вратат имот од 17 милиони евра со конфискација без да се земат предвид трошоците што ги направиле фирмите за да ја испорачаат услугата што ја договориле со ЕЛЕМ. Тие побараа судот да не ја прифати конфискацијата на имотот и да донесе ослободителна пресуда за обвинетите.

Адвокатката Маја Дојчиновска побара судот да има предвид дека Кочан бил истаканта личност во општествените кругови кој е работодавач на повеќе од 500 вработени. Адвокатката побара судот посебно да ја цени околноста дека Кочан многу тешко го погоодуваат последиците од кривичната постапка поради нарушување на неговиот углед и чест.

Одбраната тврди дека специјалното јавно обвинителство до судот требало да достави вештачење со кое би се пресметале трошоците што ги направиле фирмите.
„Основната цел на обвинението не било утврдување на одговорност туку ликвидирање на друштвата кои го сочинуваат конзорциумот“, рече адвокатот Миле Петровски, според кого целото обвинение се заснова на претпоставки. Според него, Обвинителството не доставило доказ дека Авировиќ и Кочан се договориле да создадат конзорциум и свесно да го добијат тендерот.

Петровски вели дека законодавецот го санкционира тој што ја спроведува постапката, а во случајов тоа единствено може да биде акционерското друштво ЕЛЕМ, кое ја спроведувало постапката.

„Нема докази дека обвинетите ја повредиле постапката за доделување на јавна набавки ја злоупотребиле постапката. Тоа може да го направи само договорниот орган кој ја спроведува постапката“, вели Петровски.

Одбраната тврди дека според Законот за јавна набавка, кој важел во 2011 година, економскиот оператор што учествувал во постапката требало да даде само изјава за техничка опременост, а право на договорниот орган било да побара документација за тоа.

Обвинителниот акт, според одбраната бил поднесен откако договорените работи биле во целост завршени по најниски цени. Обвинителот на минатото рочиште побара судот на фирмите кои го наместиле тендерот за ископ на јаловина во РЕК „Битола“ – „Трансмет“ и „Силекс неметали“, да им конфискува 17 милиони евра, сума што им била исплатена од државниот буџет и да ги прогласи за виновни.

Освен барањето за конфискација на имотот, специјалното јавно обвинителство одлучи трет ообвинетиот во овој случај, Сафет Васиќ, да го гони за помагање и го повлече обвинението за неговата фирма „Вато“ од село Батинци.

Адвокатот Миле Петровски ја пофали судијката Лидија Трајковска-Зимбова дека водела коректна постапка и дека ги почитувала правата на обвинетите. „Јас сум адвокат во повеќе случаи и коректните постапки се реткост“, рече Петровски. (Ф.Ф.С.)