Русија се надева дека денешниот самит ќе биде прв чекор кон подобрување на односите со САД


Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изрази надеж дека денешната средба меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин ќе биде прв чекор кон подобрување на „исклучително лошите односи“ меѓу двете земји.

Песков изјави дека двајцата лидери немаат строго утврдена агенда за средбата, но дека се свесни за одговорноста која ја носат за зачувување на светската стабилност, при што темите секако ќе ги вклучуваат Сирија и Украина.

– Европските земји не би требало да бидат загрижени поради можното приближување на САД и Русија, ниту пак треба да се грижат за можното носење одлуки за Европа без консултирање на Европејците, нагласи Песков.

Тој воедно остро ја критикуваше изјавата на Трамп на Самитот на НАТО во Брисел во која тој ја нападна Германија за потпишување на договор за изградба на гасоводот „Северен Поток 2“, со кој дополнително ќе се заобиколи Украина при транспорот на руска нафта кон Западот.

Според Песков, изјавата на Трамп е бескрупулозна и е нешто што ја загрижува Москва.

Претходно, Трамп на Твитер оцени дека односите меѓу Русија и САД се на најниско ниво во историјата, за што ја обвини Администрацијата на неговиот претходник Барак Обама.

Руското Министерство за надворешни работи, исто така преку Твитер, му одговори на Трамп дека се согласуваат со него во овој став.