Родители се жалеле дека негувателките се однесувале дрско
Во градинката „Буба мара“ во Ново Лисиче се врши вонреден надзор откако во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) родител на дете кое ја посетува градинката испратил писмо во кое се тврди дека две негувателките несоодветно и дрско се однесуваат со децата.
Вонредниот надзор го врши Одделението за инспекциски надзор на дејноста заштита на децата при МТСП.
Доколку се потврди веродостојноста на случката, сите одговорни ќе бидат веднаш санкционирани.
„Министерството нема да толерира какво било несоодветно однесување со децата во градинките. Во најбрз рок ќе ја известиме јавноста за наодите и следните чекор во однос на овој случај“, соопштија од МТСП.
„Според протоколот за постапување во случај на инцидент, се земени изјави од родителите и од вработените, по што е направен и записник од страна на психологот во градинката. Општина Аеродром најстрого осудува секаков вид насилно и несоодветно однесување кон децата и е посветена на целосно расчистување на овој случај“, реагираа од општината каде што се наоѓа градинката.