Пратениците и во 2017 „лапнале“ по 12 илјади евра за патни трошоци
Пратеникот на Партијата за европска иднина (ПЕИ), Алија Камбероски, е рекордер според исплатени патни трошоци во Собранието за 2017 година.
Тој од март до ноември лани за само девет месеци од Собранието добил 12.847 евра за патни трошоци. Ова значи дека во просек, само за патот до Собранието и назад, месечно добивал дополнително по 1.427 евра, пренесува „Макфакс“.
Додека на социјалните мрежи граѓаните се занимаваа со експратеничката Силвана Бонева, која како со автомобил од вселената да патувала кон Собранието, другите пратеници продолжиле да си наплаќаат големи суми за превоз и патарини од законодавниот дом. Критиките на јавноста не ги премислија пратениците, па така и лани си ги наплаќале овие надоместоци.
„Макфакс“ преку барања за слободен пристап до информации ги побара потрошените суми за патни трошоци од сите пратеници во Собранието за 2017 година. Пресметката покажа дека превозот и патарините на пратениците лани го чинеле државниот буџет приближно 465 илјади евра, без јануари, февруари и декември. Тоа значи дека по 50-ина илјади евра месечно биле исплаќани само за оваа намена.
Во топ-20 пратеници, според патните трошоци, освен рекордерот од ПЕИ, Алија Камбероски, кој потекнува од Струга, на второ место е пратеничката на СДСМ, Мира Стојчевска која потекнува од Битола, која за овие девет месеци добила 11.736 евра, а на трето место е Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ, која зела 11.435 евра.
Веднаш по неа се наоѓаат пратениците Сурија Рашиди од „Алијансата за Албанците“, кој потекнува од Струга, со 11.164 евра, како и генералниот секретар на СДСМ, битолчанецот Александар Кирацовски со 11.065 евра.
Ако се разгледа списокот на топ-20 пратеници за 2017 година, на него се наоѓаат десет пратеници на СДСМ, осум пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, еден пратеник од „Алијансата за Албанците“ и еден од ПЕИ.