Минстрој останува на понудата за Фени
Врз основа на последните случувања со комбинатот Фени Индустри Кавадарци АД – во стечај, како и шпекулациите кои постојано се објавуваат во јавноста, Македонско-Бугарската стопанска комора и Минстрој Холдинг АД чувствуваат потреба да ги известат вработените, доверителите, а особено транспортерите и сите други страни и субјекти засегнати со комбинатот Фени Индустри Кавадарци.
Бугарската компанија Минстрој Холдинг АД, членка на нашата комора има остварено средби со банките доверители во Фени,синдикатот на транспортерите и сите други засегнати страни за спасот на Фени.
Потенцираме дека нашата членка Минстрој Холдинг АД, даде официјална понуда за 100% исплата на побарувањата на Комерцијална и Стопанска Банка на ден, која што вклучува исплата на главница,гаранции,камати,пенали и останати трошоци како и покривање на трошоците на стечајната постапка.
За сериозноста на нашата понуда понудена е гаранција од првокласна банка и даден е депозит кој стои во банка во Р.Македонија и чека на одлука од банките како главни доверители, да им биде префрлен на нивна сметка.
Покрај исплатата на сите доверители Минстрој Холдинг АД достави понуда до Владата и Банките дека во наредните две години ќе вложи инвестиции од 30 милиони евра за санација на двете електро печки и останатата опрема.
Исто така остануваме на официјалната понуда кон останатите доверители за исплата на побарувањата утврдени во стечајната постапка во висина од 100%.
Минстрој Холдинг АД е докажана и реномирана компанија во македонската економија преку инвестиција во висина од преку 30 милиони евра во компанијата БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип во рудниците Тораница и Злетово. Минстрој Холдинг АД вработува преку 4.500 вработени и инвестирано повеќе од 300 милиони евра во различни проекти.
Оттука ја известуваме јавноста дека цврство остануваме на нашата дадена понуда и замолуваме да прекинат сите шпекулации во јавноста за нашата членка компанијата Минстрој Холдинг АД.
Македонско-бугарска стопанска комора/Минстрој