Започнува револуцијата 5Г


Обичните потрошувачи конечно ќе ја доживеат 5Г технологијата во 2019 година, која ќе им овозможи да ги искористат предностите на широкопојасните брзини на паметните телефони и други мобилни уреди. Телекомуникациската индустрија ја промовира 5Г како огромен чекор напред формирајќи со тоа основа за футуристички способности, како што се холографски (тридимензионални) видеоповици, мобилни компјутери со вештачка интелигенција, автономно возење, па дури и хируршки зафати од далечина. На пократок рок, корисниците ќе можат да следат видеопреноси во живо со висока резолуција, како што се концерти или спортски настани. „Самсунг електроникс“, „Хуавеј технолоџис“ и веројатно „Епл“ се очекува да воведат производи што ќе ја користат новата технологија во 2019 година. „Очекуваме да видиме многу уреди кои се подготвени за 5Г на пазарот во 2019 година“, рече Џо Чен, претседател на компанијата што произведува мобилни чипови „Медиатек“. „Сепак, масовното прифаќање на 5Г технологијата нема да стане реалност пред 2020 година“.

Од друга страна, екраните на паметните телефони во изминатите години станаа сè поголеми, што ги прави полесни за гледање видеа, но потешко влегуваат во џебовите на панталоните или во мала чанта. Можно решение ќе пристигне во 2019 година; екрани на преклопување. Новата технологија се очекува да внесе нова возбуда на пазарот на паметни телефони. „Самсунг електроникс“ и кинеската компанија „Хуавеј технолоџис“ – првиот и вториот светски производител на паметни телефони по број на пратки – планираат да ги отворат своите први преклопени телефони во 2019 година.

„Новата генерација технолошки откритија ја отвора вратата до фаза што никогаш досега не сме ја виделе“, рече главниот извршен директор на „Самсунг“, Ко Донг-Џин.

„Епл“ сè уште нема објавено планови за паметен телефон со екран на преклопување, но аналитичарите велат дека најверојатно ќе го следат овој пример во наредните години.