Заев ги тестира Пендаровски, Димитров, Шекеринска и Спасовски
Оваа недела ќе имаме сериозни разговори, и во рамки на нашата партија и во рамки на владејачката коалиција околу тоа дали ќе одиме и на предвремени парламентарни избори, односно кој ќе биде нашиот кандидат за претседател на државата, порача вчера вицепремиерката и потпретседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска. Таа вели дека, како човек кој има позиција и на „Бихаќска“ и на „Илинденска“, сака прво да ги соопшти своите ставови во партијата, а потоа и во медиумите, одговарајќи на прашањето дали е за вонредни избори и дали е заинтересирана да го наследи Ѓорѓе Иванов.
„Сега целиот фокус е на она што го најавивме на почетокот на нашиот мандат, следните неколку недели да го реализираме тоа што го најавуваме и со тоа верувам дека на вистински начин ќе заслужиме поддршка на кои било избори. Не да зборуваме за следното, туку да го испорачаме тоа што сме го кажувале и вчера, и завчера, и изминатата година“, додава Шекеринска.
„Скопското крило“ е за предвремени избори
Премиерот Зоран Заев, по завршувањето на зимскиот одмор, од вчера ги презел работите во свои раце и почнал да ги координира активностите за следниот период. Извори од партијата брифираат дека внатре постои расположение да се удоволи барањето на опозицијата и да се распишат предвремени парламентарни избори, но оти најголем проблем биле заканите од меѓународните партнери дека во тој случај пропаѓа секоја шанса земјава да се фокусира на потребните реформи и да добие позитивна оценка во јуни за старт на преговорите за членство во Европската Унија. Несогласувањата со ДУИ кои, барем на хартија, цврсто ги бранеле позициите на Брисел и на Вашингтон, се проценува дека би се разрешиле и би се нашол заеднички јазик.
Како поддржувачи на идејата да се стави на тест довербата на граѓаните кон владата и кон СДСМ, се споменуваат имињата на вицепремиерката Шекеринска, како и на министрите Рената Треневска-Дескоска и Дамјан Манчевски. Министерката за правда веќе јавно се изјасни дека треба да се оди на вонредни избори и оти тоа им го соопштила на сопартијците. Против „скопското крило“, наводно, ништо против нема ниту Заев, но тој сакал најпрво да се „договори“ со партнерите од ЕУ и од НАТО.
Калкулациите кај социјалдемократите се дека напролет, откако ќе ја добиеме поканата за НАТО што треба да уследи по финализацијата на договорот со името, како и обезбедената поддршка од албанските гласачи поради Законот за јазици, не би било воопшто лошо да се организираат брзи избори во надеж дека ќе ја зацврстат својата позиција во парламентот, а потоа и во Владата. Во партијата има и размислување дека не би било лошо да се почека идната година и редовните избори доколку во земјата се почувствува напредок во економијата, но се стравува оти тоа е меч со две острици, затоа што незадоволството кај граѓаните расте, а од друга страна, секое пролонгирање на изборите ѝ дава време на опозицијата за дополнително консолидирање.
Кога се во прашање претседателските избори, премиерот Заев тактизира и се обидува рационално да ја изменаџира ситуацијата, затоа што четворица истакнати соработници ја „меркаат“ позицијата шеф на државата. Токму затоа, тој е внимателен да не дојде до зла крв меѓу нив.
„Пред да замине на скијање, тој даде задача да се направи анкета и да се испита рејтингот на четворицата кандидати кои покажаа аспирации да бидат наши претседателски фаворити. Тоа се Стево Пендаровски, Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска и Никола Димитров. Сондажите сè уште се во тек, но времето нè гази, чекаме да заврши процесот со ратификацијата на договорот за името во грчкиот парламент, па веќе идната недела би требало да знаеме со кого ќе истрчаме на изборите кон крајот на април“, тврди функционер на СДСМ.
Плусови, минуси и рејтинзи
Според него, треба внимателно да се одбере кандидатот за претседател на државата бидејќи секој погрешен или избрзан потег може да значи неуспех да се достигне потребниот цензус од 40 отсто излезеност во вториот круг закажан на 5 мај. Затоа, уште сега се води сметка да не се гневи членството и јавноста блиска до власта. Во тој контекст, се споменува дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на пример, би бил постојана мета на критика поради бегството на експремиерот Никола Груевски, за што до денеска никој нема одговарано. Вицепремиерката Радмила Шекеринска, според анкетите што беа пласирани во јавноста пред Нова година, има низок рејтинг од 2,4 отсто (колку што има и Спасовски). На министерот за надворешни работи Никола Димитров би му се забележувало што не е член на СДСМ и што доаѓа од семејство со вмровска провениенција. Од друга страна, Спасовски важи за човек од доверба, кој и самиот вели дека ќе вложи максимум на која било позиција каде што ќе биде поставен од Заев. Тој, како и Шекеринска, се чист партиски кадар и немаат дамка врз социјалдемократското минато. На Димитров, пак, не може да му се заборави што е потписник на Преспанскиот договор што добива поддршка кај мнозинството членови на СДСМ. Кога е во прашање националниот координатор на НАТО, Стево Пендаровски, нему и тоа како му се памети што во 2009 година, кога партијата едвај преживуваше, успеа да освои речиси 400.000 гласови на претседателските избори, но му се забележува што сиве изминати години не беше поцврсто во партиските органи.
Интересни се информациите дека коалицискиот партнер ДУИ, во своите напори да избере консензуален кандидат за претседател, инсистирал тој да има каква било албанска жичка во своето семејно дрво. Според партијата на Али Ахмети, професорот Денко Малески е идеалниот претседател бидејќи, според нивните информации, неговата мајка влечела потекло од Корча.
„Како и да е, ДУИ не е таа што ќе го диктира нашиот избор“, заклучува нашиот соговорник.
Професорот Малески вчера не сакаше да го коментира потеклото на неговите родители бидејќи во мултиетничко општество е неблагодарно да се бројат крвни зрнца, при што тоа не смее да биде единствен индикатор за нечија способност да стане претседател на државата. Тој напоменува дека во својата книга „Бебето од катран“ пишува за своето, односно за потеклото на родителите, па тие што ја прочитале можат самите да извлечат заклучок за семејното стебло на Малески.
Во ВМРО-ДПМНЕ и вчера, критикувајќи го потегот на парламентарниот спикер Талат Џафери да го објави Законот за јазици без потпис на претседателот Ѓорѓе Иванов, повторија дека време е актуелната власт да си замине и затоа најдобро е со претседателските, да се закажат и предвремени парламентарни избори.
Горан Адамовски