Заев, Анѓушев и Бектеши на Светскиот економски форум во Давос
На Светскиот економски форум, којшто ќе се одржи следната недела (од 22 до 25 јануари) во Давос, Швајцарија ќе учествуваат претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши, потврди за Независен весник владиниот портпарол Муамет Хоџа.
-Имајќи предвид дека Владата на Република Македонија годинава ќе се насочи кон креирање политики за уште поголем развој на домашната економија, македонската делегација на Светскиот економски форум ќе се фокусира на остварување на контакти и отворање нови можности за економска соработка со развиените земји. Во Давос секоја година на едно место се собира светската економско – политичка елита, а присуствуваат и над 3 илјади светски лидери од сите области. Токму затоа форумот претставува одлична прилика за создавање нови пријателства и продлабочување на соработката со развиените европски, но и светски земји, велат од Владата.
Во рамки на Светскиот економски форум, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев ќе оствари средби со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со еврокомесарот Јоханес Хан, како и со други високи гости.
Заев лани, по 15-годишната пауза за прв пат како македонски премиер ја претставуваше земјата на Светскиот економски форум во Давос придружуван од десетина владини претставници. Потоа дојде првата историска средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас, каде што двајцата премиери го скршија мразот за да го решат десетгодишниот спор околу името. Само една година подоцна беа забележани конкретните резултати од тој состанок. (Л.С.)