Груевски: Итно и безусловно запирање на процесите


Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од Никола Груевски вечерва протестираа пред затворот во Шутка како поддршка за приведените во врска со настаните во Собранието на Република Македонија на 27 април. Учесниците бараат итно и безусловно запирање на сите процеси, на како што велат „политички прогон, малтретирање, терор и иживување и ослободување на сите лица кои се цел на тој политички прогон“. Според професорот Александар Даштевски конструкцијата на делото е смешна и дека нема никакви основи за тероризам. Лицата кои се во притвор за ова дело, рече тој, се пријатели на цела Македонија. – Првата причина некому да се одреди притвор е можноста да избега од државата. Дали овие седум месеци некој од нив можеше да избега? Никој не избега. Затоа нема основа, додаде тој. Влатко Ѓорчев ги поздрави актерите од МНТ затоа што покажале солидарност со својот колега, Владо Јовановски. Актерската екипа на театарската претстава „Ничија земја“ ја откажа вчерашната претстава во знак на солидарност кон Јовановски, кому Кривичниот суд вчера попладне му одреди 30- дневен притвор за настаните во Собранието од 27 април. – Тоа е театарот на Ристо Шишков, а денеска Владо Јовановски стана новиот Ристо Шишков. Зарем актер кој никого не нападнал, не удрил, не раскрварил треба да биде суден за тероризам, за дела против државата и уставниот поредок, порача Ѓорчев. Веќе неколку дена во фокусот на јавноста е апсењето и правната разврска за настаните од 27 април. Собрание вчера одобри барањето на Кривичниот суд за притвор на пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудовски, Љупчо Димовски и Сашо Василевски.